Интервјуа
Масар Омерагиќ: Фокусирани сме на квалификациите за мундијалот и стоиме зад репрезентацијата, да им дадеме поддршка на момците
Ангела РАЈЧЕВСКА НАНКОВ
„Оптимист сум, мојата цврста цел е да го подигнам квалитетот на фудбалот во Македонија“, вели во интервју за МИА претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ. Во пресрет на квалификациите за Светското првенство 2026, Омерагиќ испраќа порака на единство и заедничка поддршка за националниот тим. Тој верува дека координираниот напредок во сите сегменти – од работа со младите до создавање подобри услови за тренинг и натпревари – ќе резултира со уште повидливи успеси во следните години.
Омерагиќ потенцира дека фундаменталната цел на неговиот мандат е подигнување на квалитетот на фудбалот во земјата – процес кој, како што нагласува, бара координиран пристап и напор од сите фактори во системот. Верува дека резултатите веќе стануваат видливи и дека следните првенства ќе донесат уште посилна и поквалитетна фудбалска слика.
– Гледам позитивно на сето тоа, мислам дека воведовме доста иновации во работењето со младите категории. Нормално дека е потребно малку време, но за една година ние направивме доста работи. Очекуваме набргу да се видат и резултатите кои и минатата година беа добри. Што се однесува до опремата и другите работи, ние дониравме опрема за над 2.000 деца. Со таа политика ќе продолжиме и во 2026 година, останува само да ги подобруваме чекор по чекор, онаму каде што е можно, инфраструктурните проекти што ќе овозможат децата да имаат подобри услови за тренирање, вели тој.
На прашањето за финансиската транспарентност и тоа дали Федерацијата е стабилна за да може да ги реализира сите зацртани проекти, тој одговори дека работат штедливо и сите непродуктивни трошоци се скратени. Претседателот сподели дека е планирана изградба и реконструкцијата на повеќе терени и трибини, помеѓу кои Охрид, Тетово, Кратово, Кочани, Штип…
– Моментно е почната изградбата на трибината во Охрид. Набргу ќе почнеме со Тетово, каде што ФФМ ќе учествува со над еден милион евра за стадионот – за седиштата и за покривањето на трите трибини. Планираме следна фаза во Кавадарци, каде што ќе поставиме осветление во соработка со локалната самоуправа. Во Кратово на стадионот на Силекс планираме да се постави подлога со бусени. Во Кочани треба да се адаптираат и уредат соблекувалните за да бидат навистина адекватни за употреба. Во Штип го завршивме проектот со трибината, која е веќе предадена во употреба. Во Дојран проектот се привршува – очекуваме до февруари да биде завршен теренот со вештачка трева. Тоа се проекти, кои или се во тек или планираме да ги почнеме. Сето тоа ќе тече со динамика што ќе ја дозволуваат финансиските средства, сподели Омерагиќ.
Во продолжение ви го пренесуваме целото интервју со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Како конкретно ќе ја подобрите конкурентноста во домашните лиги и ќе ја вратите ли публиката на трибините?
Фудбалската федерација може да носи прописи што ќе значат порегуларно одигрување на првенството и пофер услови за сите. Еден од тие чекори беше воведувањето на ВАР-системот. Убеден сум дека резултатите се одлични и дека судењето е на највисоко ниво во однос на претходните години. Нормално е дека има грешки – каде ги нема? Но, кај нас тие се сведени на минимум. Што се однесува до другото, чекорот со скратување на лигата беше полн погодок. Имаме 10 прволигаши, што треба да донесе до поголема концентрација на квалитет. Не се игра лош фудбал во нашето првенство, иако ние како народ сме пребирливи – сакаме да гледаме големи спектакли, а тоа е невозможно во наши услови. Тоа не е само наш проблем – тоа е поширок проблем на Балканот, каде што стадионите не секаде се полни. Кога луѓето гледаат Премиер лига, Бундеслига или Ла Лига, нормално е дека не сме на тоа ниво. Но, за мене квалитетот на нашето првенство е солиден.
Покрај скратувањето на лигата, најавивте и реорганизација на општинските сојузи. Како тоа ќе придонесе за подобрување на целокупната фудбалска структура?
Ќе се игра реален фудбал, а сето тоа ќе се организира на ниво на регион. Ќе си останат во градовите тие општински фудбалски сојузи. Единствено на што ќе работиме понатаму е реорганизацијата на третата лига со четвртите лиги. Ќе треба да разговараме што е во интерес на клубовите. Многу логично е да се формираат зонски лиги составени од 2-3 територијално блиски општини за да има реални лиги во кои навистина ќе се игра фудбал.
Како во меѓувреме ФФМ може да ја мотивира и да ја поддржи нашата национална селекција за да го реализираме сонот во пресрет на дуелот со Данска и што секој од нас граѓаните може да направи за да придонесе кон таа поддршка?
Фудбалската федерација тоа го прави континуирано. Нашата репрезентација е амбасадор на државата – класичен пример за тоа што претставува Македонија. Селекцијата е составена од играчи што даваат сè од себе на теренот за што подобро да ја претстават државата. Ние како Федерација правиме сè тие секогаш да имаат најдобри услови за тренирање и патување. Разговараме со нив – пред ова интервју тука беше капитенот Енис Барди, кој имаше заеднички состанок со селекторот Гоце Седлоски. Разговаравме за подготовките на мечот со Данска. Вчера беше и Столе Димитриевски. Она што ме радува е дека играчите се навистина сериозни и позитивни личности, кои даваат сè од себе кога играат за националниот тим.
Оптимист сум. Сè што било лошо во 2025 година го оставаме зад нас – имаше и убави моменти, фудбалот е таков. Сега сите сме фокусирани на квалификациите и стоиме зад репрезентацијата. Тоа е и нашата порака: да ги оставиме личните суети на страна, да се фокусираме на репрезентацијата и да им дадеме поддршка на момците. Ќе видиме што ќе се случи во Копенхаген и по Копенхаген.
Успех забележаа и женските селекции до 17 и 19 години со обезбедената промоција во А-лигите. Кои се Вашите очекувања од нив и кој е планот на ФФМ за афирмација и развој на фудбалот во женска категорија?
Таму поставивме нов селектор Александар Андов од Кочани, кој според мене работи одлична работа. Имавме неколку состаноци, на последниот тој доби зелено светло од мене да може комплетно да работи на смена на генерации во А-репрезентацијата. Пред сè, поради тоа што младите генерации, девојчињата до 17 и 19 години покажуваат завидно ниво на квалитет и играат со љубов. Од тој аспект селекторот набргу ќе спроведе целосна промена на генерацијата. Младите девојки ќе добијат можност да играат поконтинуирано – за А-репрезентацијата. Нема да притискаме, ќе бидеме трпеливи, нека се калат низ порази и да достигнат завидно ниво за по 3-4 години да имаме одлична женска репрезентација.
Дали сметате дека можеби инвестирањето малку повеќе во домашната женска фудбалска лига ќе придонесе и за тие меѓународни настапи да се подобри?
Ние како Федерација правиме сè што е во наша можност – сите дотации и она што е можно го насочуваме кон фудбалот во женска категорија. Во 2025 година првпат беше поделена опрема за сите младински категории во женските клубови. Тоа е она што можеме да го направиме. Другото е во рацете на клубовите. Шампионот од нашето првенство игра квалификации за Лигата на шампионите под покровителство на УЕФА и за тоа добива бонуси – исто како во машкиот фудбал, само пресликано во женскиот.
Од сето ова што го правите несомнено е дека Вашата цел е да изградите конкурентен, професионален и европски организиран фудбал во земјата. Кои се клучните приоритети на кои ќе се посветите в година со цел да го постигнете тоа?
Интегритетот на натпреварите е една од клучните работи на кои сакам да посветам внимание. Безбедноста на натпреварите, максимално коректно судење, колку што може, нормално. Секогаш имало и ќе има грешки. Меѓутоа, нема да има намерни грешки или директиви дека некој треба да биде оштетен. На ниеден судија не му е сугерирано да суди во корист на некого. Напротив, разговараме со нив и секогаш им порачуваме да се обидат да го дадат максимумот и судењето да биде 50-50, без фаворизирање. Грешките ги сметаме за составен дел од спортот, но ќе бидат санкционирани. Ќе се бориме и против недолично однесување на трибините. Немаме насилство на трибините. Мислам на навредливо и неадекватно навивање. Немаме такви проблеми со навивачките групи – нема насилство и инциденти. Напротив, мислам дека со разговор може да се постигнат добри резултати. Докажавме во 2025 година дека имаме ист аршин за сите.
Може ли да ни издвоите една цел што цврсто сакате да ја реализирате во мандатот?
Основната и цврста цел е да го подигнеме квалитетот на фудбалот во Македонија. Тоа е комплексен процес, кој не зависи само од мене, ниту само од Управниот одбор. Сите мора да размислуваме во иста насока. Даваме сè од себе, а резултатите полека стануваат видливи. Верувам дека ќе бидат уште подобри во наредните првенства.
јануари 10, 2026


