Свет
Белгија погодена од бурата „Горети“, во делови од земјата прогласен портокалов метеоаларм
Белгија од синоќа е зафатена од бурата „Горети“, која донесе интензивни врнежи од дожд и снег, налети на ветер до 100 километри на час и наврнаа од 40 до 50 литри дожд на квадратен метар.
Белгискиот Кралски метеоролошки институт прогласи портокалов метеоаларм во јужните и источните делови на Белгија, додека во останатите области во земјата во сила е жолто предупредување што, од провинција, до провинција, ќе биде во сила до вечер, утре изутрина и од утрешните попладневни или вечерни часови.
Институтот најави дека за денеска се предвидува продолжување на поројните дождови на најголемиот дел на Белгија, со исклучок на планинскиот реон на Ардените на југоистокот, но и во некои источни реони, каде се очекуваа да паѓа снег.
Медиумите јавуваат дека силниот ветер откорнал повеќе дрва, кои блокирале патни правци и градски улици, а регистрирани се и поплави на подрумски простории во повеќе места.
Само во провинцијата Источна Фландрија противпожарните служба примила околу 75 повици за интервенции, во најголем број случаи за отстранување на паднати дрва или откорнати гранки.
Фламанската агенција за животна средина (ВММ) информира дека се бележи раст на нивото на водата по реките и каналите и можно нејзино излевање, но сепак веројатноста за поголеми поплави и предизвикување штети е мала.
Во текот на денов се очекува интензитетот на врнежите од дожд да се намали, но тие ќе продолжат и во текот на претстојната ноќ, додека ветерот ќе биде со налети од 50 до 60 километри на час, со исклучок на крајбрежјето каде се очекува ветер од северозападен правец со брзина до 90 километри на час.
Температурите ќе се движат од минус 3 до 4 степени.
Бурата „Горети“, која се движи низ Западна Европа во правец од запад кон исток, предизвика корнење на дрва и во повеќе делови на Франција, што предизвика застои во сообраќајот и прекин на електроенергетскиот систем, поради што околу 380.000 семејства останаа без струја, а затворени се и повеќе училишта.
Во речиси цела Франција нивото на метеоалармот денеска е намалено од портокалово на жолто, со исклучок на југозападните делови каде сè уште во сила е портокалова фаза. Инаку, вчера во еден период во департманот Манш во Нормандија во сила беше црвен код, кога дуваше ветер со брзина до 213 километри на час.
Поради невремето, откажани се околу 80 летови од амстердамскиот аеродром Схипхол, повеќето на дестинации низ Европа.
Во меѓувреме, Германија денес се подготвува и за снежната бура Ели, која се очекува да ја зафати целата земја, со посилен интензитет во северните и североисточните делови, и да донесе и до над 15 сантиметри снежна покривка. Поради ова, многу училишта во североисточна Германија остануваат затворени и денеска, авионскиот и железничкиот сообраќај се одвива со доцнења, а во прекин е и фериботскиот транспорт до неколку острови. „Фолксваген“ ја премина работата во својата фабрика во Емден, во близина на холандската граница, а владејачката германска Христијанско демократска унија го откажа својот собир во Мајнц, на кој требаше да присуствува и на канцеларот Фридрих Мерц.
јануари 10, 2026


