Connect with us

Вести

Томовски: Ќе ги тужам СДС за лагите, нивните обвинувања за непотизам и корупција се целосно невистинити и тоа ќе се докаже

Директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) Ивица Томовски вечерва најави дека ќе ја тужи СДСМ за обвинувањата во врска со фирмата „Сити аутсорсинг“. Тврди дека ниту тој, ниту неговиот татко немаат врска со оваа компанија од 2022 година наваму.

Томовски ги повика Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство да покренат случај и што побрзо да го решат, зашто само така, како што истакна, може да ја докаже својата невиност.

-Не е ова прв пат да бидам обвинуван од СДС за разни афери кои „не држат вода“ и се невистинити. За овој случај што деновиве е актуелен ветив дека ќе покренам тужба. Уште во текот на утрешниот ден имам договорено состанок со адвокатите кои ќе ги разгледаат сите можности, секој можен начин и секое можно дело да го отворат, напомена Томовски.

Тој ги отфрли сите обвинувања како апсолутно невистинити и објасни дека неговиот татко ја продал компанијата уште во 2022 година.

-Татко ми е сопственик на таа компанија од самиот почеток до 2022 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција. Кога јас влегов во круговите на повисоката политика, ја продаваме, односно ја отуѓивме. Од тогаш немам никаква сопственичка структура, ниту мој близок има сопственичка структура во оваа компанија, ниту јас приходувам или имам некаков интерес од неа, рече Томовски.

Во однос на обвинувањата дека негов телефонски број се појавува како контакт во компанијата, објасни дека бројот не е сопственост на фирмата и дека лично го плаќа.

-Во 2022 година излегуваме, телефонскиот број не е во сопственост на компанијата, јас го плаќам како име и презиме, тоа е проверливо, може да се провери во Телеком, а исто така и компанијата го прочитав демантот што го имаше, демантира дека телефонскиот број е во сопственост на таа компанија. Ниту внук ми, ниту татко ми се дел од таа компанија, може тоа исто да се провери, потенцира директорот и порача дека е подготвен институциите целосно да го испитат случајот.

По завршувањето на постапката, додаде, убеден е дека ќе се издаде документ кој ќе ја потврди неговата невиност.

-Тие ме обвинуваат, јас демантирам, но институциите треба да одлучат и да пресудат што е вистина, а што лага. Јас ве уверувам дека ќе добиеме ист ваков документ, после кој тие ќе треба да се извинат и без разлика дали ќе одлучат да се извинат или не, напоменав дека јас покренувам тужба, истакна Томовски. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4