Connect with us

Технологија

Нов ласер што би можел да пробуши дебел мраз на околните вселенски тела

Ласерска дупчалка за мраз развиена од Технолошкиот универзитет во Дрезден (ДУТ) и други научни тела, би можела да помогне во истражувањето на замрзнатите вселенски тела, со својството и способноста за дупчење низ леден слој со дебелина и од неколку километри, се вели во нов напис во декемвриското издание на списанието „Астра астронаутика“. Како пример се посочува мразот на јупитеровата месечина Европа или Енцелад којшто кружи околу Сатурн.

„Истражувањето на мразот во Сончевиот Систем е од голем интерес. Без разлика дали станува збор за мраз во месечевите кратери за снабдување на астронаутите со вода или за ископувањето воден мраз во астероиди заради правење гориво. Покрај тоа, ледените тела како Европа и Енцелад со нивните наводни океани под ледената покривка се од голем интерес за науката, бидејќи потенцијално можат да содржат и живот“, пишуваат авторите.

Во истражувањето се вели дека ласерската дупчалка е енергетски ефикасна, лесна за пренос и може да работи без тешки системи за дупчење. При употребата, таа испушта ласерски зрак во мразот, којшто се претвора во гас, создавајќи тенка и длабока дупка, пренесува ДПА.

– Бидејќи природните сателити немаат атмосфера, ефектот на вакуум во Вселената би предизвикал целиот генериран гас и прашина да се искачат на површината. Сѐ тоа потоа би можело да се проучува, изјави Тино Шмиел од Институтот за воздухопловно инженерство на ДУТ. – Иако Германија во мигов не планира сопствена мисија за слетување на ледена месечина, ласерската дупчалка би можела да стане клучна технологија за меѓународни истражувачки мисии, додаде тој.

Според него, технологијата би можела да се користи и на Земјата, на пример во истражувањето на лавините. Имено, првите лабораториски и теренски тестови на Алпите и во Арктичкиот Океан покажале дека дебелината на снегот и мразот може точно да се измери.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3