Свет
Европратениците бараат усвојување амбициозна Стратегија на ЕУ за родова еднаквост
Европскиот парламентот денеска со 310 гласови „за“, 222 „против“ и 68 „воздржани“ усвои Извештај со која се повикува Еврокомисијата да изготви „амбициозна“ Стратегија за родова еднаквост за периодот 2026-2030 година, со конкретни законодавни и незаконодавни мерки за справување со родово базираното насилство и за прашања поврзани со родовата здравствена заштита, вработување и политичка застапеност.
Во Извештајот се бара родово базираното насилство да добие третман на „особено сериозно кривично дело“ во законодавството на ЕУ и Комисијата да подготви упатства за спроведување на неодамна усвоениот Закон за борба против насилството врз жените и семејното насилство, како и да го прогласи фемицидот како посебно кривично дело.
Европратениците сакаат и Комисијата да достави предлог за единствена дефиниција на силувањето на ниво на ЕУ и воедно ги повикуваат земјите членки кои се уште не ја ратификувале Истанбулската конвенција да го сторат тоа.
Во извештајот се бара и обезбедување универзален пристап до родово одговорна здравствена заштита и надминување на родовиот јаз во здравјето, со посебно внимание на болестите што почесто ги погодуваат жените.
Европратениците повикуваат и на изработка на сеопфатна и обврзувачка рамка на ЕУ за обезбедување целосен и еднаков пристап до сите услуги за сексуална и репродуктивна здравствена заштита, на вклучување на правото на безбеден и легален абортус во Повелбата за основните права на ЕУ и на воспоставување универзален пристап до родово одговорна ментална здравствена заштита.
Исто така, со документот се бара од Комисијата да промовира поголема вклученост и задржување на жените на пазарот на трудот и да преземе мерки за намалување на јазот во вработеноста, платите и пензиите меѓу половите.
Европратениците инсистираат и на спроведување на директивите за соодветни минимални плати и за нивна транспарентност, за поголема застапеност жени во раководните тела, како и на воспоставување рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот за родителите и старателите.
Во Извештајот се повикува и на зајакнување на механизмите за справување со демократското назадување и со нападите врз правата на жените и припадниците на ЛГБТИК+ заедницата, како и на истакнување на агендата за жените, мирот и безбедноста, како клучен принцип на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
ноември 14, 2025

