Connect with us

Општини

Одбележан јубилеј 60 години Хидроелектрана Глобочица

Електрани на Македонија со свечена академија денеска во Струга одбележаа јубилеј 60 години од првото пуштање со работа на хидроелектраната Глобочица и 56 години хидроелектрана Шпилје, дел од хидроенергетскиот систем Црн Дрим.

Во изминатите 65 години, како што истакна директорот на подружницата ХЕС „Црн Дрим“ Гоце Божиновски, електраната Глобочица произвела 10.576.143.049 киловат часови електрична енергија или околу една милијарда евра се слеале од неа во државниот буџет. Околу десет отсто од домашното производство на електрична енергија, односно 15 проценти од хидро производството и припаќа на ХЕ Глобочица.

-Од самиот почеток со работа во 1965 година, оваа електрана претставувала многу значаен извор на електрична енергија. Во тоа време, во седумдесеттите години, производството на електрична енергија од хидроелектраната Глобочица значеше една четвртина од вкупното производство на електрична енергија во нашата држава. Средното годишно производство е околу 176 гигават часови, а максималното годишно производство е постигнато и забележано во 2010 година, кое изнесува 292 гигават часови. Од пуштањето во работа, па сè до ден денес, оваа хидроелектрана има произведено 10.576.143.049 киловат часови електрична нергија, која доколку ја пресметаме со просечна денешна цена по сто евра за мегават час, ќе дојде дека оваа електрана произвела околу една милијарда евра во буџетот на државата, истакна Божиновски.

Хидроелектраната Глобочица, според него, била еден од клучните проекти што ја поставиле основата на современата енергетска инфраструктура во Македонија. Навраќајки се на минатото, потсети на спроведени развојни активности на ХЕ Глобочица, меѓу кои и зголемувањето на нејзината првична инсталирана моќност до 4,5 мегавати по агрегат или вкупното 9 мегавати за целата електрана. 

Божиновски се осврна и на новите предизвици предвидени во идниот период за интеграција на пазарот на зелена енергија, модернизација, дигитализација и унапредување на капацитетите, ефикасност и интеграција во европските енергетски мрежи, зајакнување на улогата на балансирање на мрежите на нашиот национален диспечерски центар… 

-Пред нас претстои третата фаза на ревитализација, каде во најголем дел околу 65 проценти се опфатени ХЕ Глобочица и Шпилје, подвлече Божиновски.

Според него, во тек е изработка на проект за дигитализација на браната на истекот на реката Црн Дрим од Охридското Езеро, со поставување автоматска контрола на испустот и далечинско управување со нивото на вода, со што ќе се овозможи побрза регулација на истекот на водата, согласно еколошките стандарди.

За генералниот директор на ЕЛЕМ Лазо Узунчев, хидросистемот Црн Дрим во којшто се вклучени хидроелектраните Глобочица и Шпилје, е еден од најзначајните хидроенергетски комплекси во нашата држава. Тој најави дека до крајот на годината ќе почне реализацијата на проектот „Ревитализација на хидроелектраните фаза три“, со што очекува зголемување на вкупното производство на хидроенергија за 50 гигават часови годишно. Од реализацијата на проект, подвлече дека најголема придобивка ќе имаат токму хидроелектраните Глобочица и Шпилје. Со овој зафат се гарантира продолжување на нивниот животен век за најмалку уште три децении.

-Двете хидроелектрани целосно ги оправдаа очекувањата и претставуваат нераскиналива алка од електроенергетскиот сектор во земјава. Развојната стратегија на нашата компанија, која во моментов ја развиваме, за наредните години предвидува континуирано надградба, ревитализација и модернизација на постоечките хидроелектрани, како и изградба на нови акумулации, хидроелектрани, ветерни паркови, фотонапонски и гасни електрани, како дел од нашата зелена агенда, рече Узунчев. 

За неповолната хидролошка состојба очекува согласно сите показатели сушниот циклус да заврши наредната година со што значително ќе се подобри состојбата со хидрологијата, со зголемен принос на врнежи и со зголемен принос на хидроенергија на годишно ниво.

Хидроелектраната Глобочица почнала да работи на 4 ноември 1965 година, изградена во услови кога немало развиена инфраструктура и технологија. Таа е симбол на колективната визија, истрајност и иновативен дух на генерациите што ја изградиле и темелно одржувале. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2