Економија
Филип Николоски во „Бизнис-клуб“: Реформата на јавната администрација ќе придонесе за ефикасно функционирање на државата
„За да тргнеме напред, прво треба да ја лоцираме суштината на проблемот. Ние тоа го правиме, но кога ќе дојде моментот на решавање на проблемот, тука застануваме. Затоа ние не го решаваме проблемот, туку ги санираме последиците. Второ, треба да се создадат услови за професионални институции, со намалување на бројот на луѓе во државната администрација, така што ќе останат само професионалци со добри услови за работа. Државата е институција која ќе му помогне на бизнис-секторот во реализацијата на неговите цели и планови за да постигне резултати“, изјави Филип Николоски, сопственик на кафеаната „Уранија“ и финансиски и инвестициски експерт, во најновото издание на подкастот „Бизнис-клуб“ со Бранко Азески, се вели во соопштението од Стопанска комора на Северна Македонија.
Според Николоски, три клучни работи треба да бидат основа за поддршка на државата за таа да се врати на вистинскиот пат и да постигне економскиот раст и напредок: лоцирање на суштината на проблемот; негово решавање и создавање професионални институции со професионална администрација.
Тој потенцираше дека реформата на администрација е неопходна за создавање професионална и функционална администрација. Администрација која навремено ќе испорачува услуги на бизнисот, бидејќи бизнисот е непредвидлив и нема време за чекање. Само на таков начин, според него, ќе може да се оствари посакуваниот раст од 4% на БДП, бидејќи во последните години се остварува скромен раст од 2%.
„Ако фирмите се професионални, а наидеш на недоволно професионална државна администрација и непрофесионални институции, автоматски имаш судир и не можеш да се движиш во позитивна насока“, изјави Николоски.
Според него, луѓето не сакаат да се менуваат, да ги водат процесите кон подобро и да учествуваат во решавање проблеми. Потенцираше дека имаме добри закони, но слаба имплементација – што претставува сериозен проблем за функционирање на државата.
Во разговорот го истакна и проблемот со кој се соочува целата македонска економија, а не го одмина ни угостителски сектор – недостатокот на кадар, кој според него, со текот на годините уште повеќе ќе се продлабочува.
ноември 3, 2025

