Connect with us

Скопје

Општина Ѓорче Петров со прво признание за лидерство во енергетската транзиција и развој на енергетски заедници

Општина Ѓорче Петров со ново признание – прва општина во Република Македонија која официјално е акредитирана како дел од европската иницијатива LIFE LOOP – престижна програма на Европската унија што поддржува енергетска транзиција, одржлив локален развој и создавање енергетски заедници.

Со ова признание, Ѓорче Петров се вбројува меѓу иновативните европски општини кои активно промовираат нови решенија за чиста енергија и ја поттикнуваат соработката меѓу граѓаните, институциите и приватниот сектор во насока на зелена и енергетски одржлива иднина.

Добивањето на официјалниот сертификат за поддршка и развој на енергетски заедници претставува значаен успех на општината на патот кон остварување на визијата за почиста енергија, повисока транспарентност, поголемо учество на граѓаните и заеднички енергетски решенија.

Проектот LIFE LOOP се фокусира на развој на локални енергетски заедници преку кои граѓаните директно учествуваат во процесите на производство, потрошувачка и управување со обновливи извори на енергија.
Овој модел, кој веќе успешно се применува во неколку земји од Европската унија, создава нова култура на енергетска солидарност и заедничка одговорност.

Општината преку своите стратешки планови и досегашни инвестиции во одржлива инфраструктура, покажува континуирана посветеност кон енергетската ефикасност, заштитата на животната средина и имплементацијата на европски стандарди во локалното управување.

-Ова признание е резултат на нашата визија за зелена, ефикасна и одговорна општина, која се грижи за своите граѓани и ја гради иднината на темели на одржлив развој.
Благодарност до сите партнери, институции и граѓани што активно се вклучуваат во процесите на енергетска транзиција.
Ѓорче Петров уште еднаш го потврдува својот статус како пример за модерно, енергетски свесно и европски ориентирано локално управување – рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Следниот чекор е изработка на локална стратегија за развој на енергетски заедници, што ќе овозможи нови инвестиции во обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и зголемување на квалитетот на живот за сите жители. Општината упатува голема благодарност до сите партнери, засегнати страни и граѓани за нивниот придонес во развојот на оваа иницијатива. Со ова признание, Ѓорче Петров уште еднаш ја потврдува својата улога како водечка општина во процесот на енергетска и еколошка трансформација во Македонија, поставувајќи високи стандарди на локално ниво и отворајќи нови перспективи за одржлива иднина.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1
Маркетинг