Connect with us

Сцена

На втората фестивалска вечер на „Макфест“ ќе се испеат 20 песни

Шестмина изведувачи од првата фестивалска вечер на 40.издание на „Макфест“, ќе пеат и вечерва на втората фестивалска вечер. Јован Јованов на денешната прес-конференција рече дека за нив одлучуваше стручно четиричлено жири, а гласаше и публиката. Вечерва на сцената на „Макфест“ ќе настапат 20 изведувачи, а крајот е резервиран за Антонија Гиговска со песната „Жена“ која беше прогласена за најслушана песна изминатата година.

-Шест од нив влегоа во втората вечер. Тоа се Катерина Јовановиќ, Дорис Ди, Дино Периќ, Елена Наумова, Ашвар и Стефан Ефремов. Вечерва ќе имаме 20 изведувачи сместени во четири блока, вели Јованов.

Уметничкиот директор на „Макфест“, Роберт Саздов вели на јубилејното издание на Фестивалот има изведувачи и од 19, но и од 70 години.

-Имаме изведувачи кои се под 20 години, а утре на ревијалната вечер ќе имаме изведувачи кои имаат над 70 години. Истото се случува со авторите, имаме автори кои имаат 19 години и имаме автори со 82 години, рече Саздов.

Камерниот оркестар е дел од сцената на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, а како што рече Илија Ќосевски оркестарот беше формиран лани од Филип Стевановски и е со тенденција да се надоградува.

-Денес и утре ќе ужива публиката, љубителите на македонската музика така да се надеваме дека ќе растеме и во иднина и ќе достигнеме од камерен оркестар да станеме оркестар, изјави Ќосевски.

Синоќа 40. јубилејно издание на „Макфест“ започна со едноминутен аплаус и сеќавање за починатите од пожарот во Кочани. Дел од нив беа дел од организацијата на „Макфест“, а требаше да бидат и годинава.