Connect with us

Технологија

Истражување: ВИ-асистентите погрешно ги претставуваат вестите во половина одговори

Водечките асистенти со вештачка интелигенција погрешно ги претставуваат вестите во речиси половина од своите одговори, според истражувањето објавено денеска од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) и Би-би-си.

Меѓународното испитување ги опфатило вештачкоинтелигентните асистенти „Чет-ГПТ“ (ChatGPT), „Копилот“ (Copilot), „Џемини“ (Gemini) и „Перплексити“ (Perplexity) – софтверски чет-помошници коишто користат ВИ и на кој било јазик во светот ги извршуваат задачи за корисниците. ВИ-асистентите на 14 јазици биле оценувани според критериуми како што се точност, цитирање извор и способност за разликување на мислење од факт. Истражувањето вклучило и 3.000 одговори на прашања за вести.

Вкупно, 45 отсто од анализираните одговори на ВИ содржеле барем една сериозна грешка, а 81 насто имале некаков вид проблем, покажаа наводите.

– Кога луѓето веќе не знаат во што да веруваат, тие на крајот не веруваат во ништо, а тоа може да го обесхрабри учеството во демократските процеси, рече директорот за медиуми на ЕБУ, Жан-Филип де Тендер.

„Џемини“ – четботот на „Гугл“, на својата интернет-страница претходно ги поздрави повратните информации од корисниците за да може, како платформа, да продолжи да се подобрува и да станува покорисна.

И „Опен-АИ“ и „Мајкрософт“ претходно објавија дека тн. „халуцинации“ – случаи кога ВИ прикажува неточни и погрешни наводи, поради на пр., недостаток на податоци – се проблем на чиешто решавање активно работат.

Според „Извештајот за дигитални вести“ на британскиот „Институт Ројтерс“ за 2025 година, околу седум насто од сите интернет-корисници кои ги следат вестите и дури 15 отсто од луѓето под 25 години користат ВИ-асистенти за да бидат информирани за актуелните настани. Овој нов извештај, се вели, е повик до компаниите за вештачка интелигенција да бидат поодговорни и да го подобрат начинот на којшто нивните асистенти одговараат на прашања поврзани со вестите.