Технологија
„Епл“ се приближува до пазарна вредност од 4 трилиони долари

Американската компанија „Епл“ (Apple) ѝ се приближува на пазарната вредност од 4 трилиони долари поради силната побарувачка за „Ајфон 17“ (iPhone 17).
Акциите на „Епл“ беа под притисок претходно оваа година поради жестоката конкуренција во Кина и неизвесноста околу тоа како компанијата ќе се справи со високите американски царини за азиските економии како што се Кина и Индија – нејзини главни производствени центри. Податоците од истражувачката агенција „Каунтерпоинт“ (Counterpoint) сега покажуваат дека серијата „Ајфон 17“ го надмина за 14 отсто својот претходник во раната продажба во Кина и САД. Следствено, акциите на „Епл“ скокнаа за 4,2 насто.
„Неодамнешното лансирање на интернет-нарачки во Кина би можело да биде позитивен поттик за декемвриското тримесечје, бидејќи првичните податоци за испорака укажуваат на поголема почетна побарувачка од другите подрачја при пуштањето на пазарот“, сметаат аналитичарите на „Еверкор ИСИ“ (Evercore ISI).
Така, акциите се на пат кон својот најголем еднодневен раст за четири недели ако се задржат добивките и растот за цела година би бил повеќе од 5 насто. „Епл“ треба да ги објави кварталните резултати по затворањето на пазарот на 30 октомври.
октомври 22, 2025