Connect with us

Скопје

Митески: Аеродром ќе го градиме по мерка на човекот, на секој дом, секое дете, секое семејство, затоа што ова е нашиот дом

Досега заедно реализиравме важни проекти, но ова е само почеток. Она што следува е уште поважно, ќе ја градиме иднината заедно по мерка на секој жител на нашата општина. Аеродром ќе го градиме по мерка на човекот, на секој дом, секое дете, секое семејство, затоа што ова е нашиот дом. Нашата, улица, нашето маало, нашиот Аеродром. Ова е и моето место, овде сум роден, овде живеам, овде припаѓам, овде расте моето дете, рече кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за општина Аеродром Дејан Митески, кој вечерва имаше свое обраќање на митингот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во општина Аеродром.

Аеродром, рече, е општината што победува и оди напред.

-Изминатата година ја имав честа да бидам вашиот градоначалник и не ја гледав таа функција како фотеља, туку како обврска секое утро да бидам меѓу вас, со луѓето што работат, што се борат, што веруваат, рече Митески.

Тој додаде дека неговиот претходник, Тимчо Муцунски поставил високи стандарди кои обврзуваат.

-Оваа програма која ја нудиме на овие избори е пред вас, не е напишана во канцеларија, ја создадовме заедно со вас граѓаните на Аеродром. Секое маало, секој збор, секоја идеја има свое место во оваа визија. Ова не се ветувања, ова е патоказ на нашата иднина. Сакам да се обратам на сите генерации, од најмладите до највозрасните. Ќе имаме безбедни училишта и градинки, паркови полни со зеленило и радост, спортски сали, културни центри, можности за образование, работа и простор сите да ги реализитаат своите идеи, рече Митески на митингот во Аеродром.

Митески истакна дел од проектите на изборната програма.

„Без поддршка од градот и без централна власт ние работевме. Чистевме, садевме, градевме затоа што љубовта кон Аеродром не може да се запре. Во секоја населба од Мичурин до Долно Лисиче, предвидуваме нови инвестиции во инфраструктурата, културата, образованието и спортот. Зелената офанзива е нашето знаме, Аеродром е најзелената општина нашата гордост, и таква и ќе остане. Секое дете во градинка да, тоа е реалност и ќе биде остварена. За првпат добиваме кино и театар место за култура, радост и талент, Лисиче ќе добие топлификација ветување што станува реалност благодарение на поддршката на претседателот Мицкоски, а спортот останува наш белег, МЗТ и Вардар се симболи на љубов, традиција и успех, воведуваме нула комуналии за изградба на прв дом за сите млади. Но пред се Аеродром ќе остане мирно, сигурно и достоинствено место за живеење.

На крај Митески ги повика граѓаните да гласаат за бројот 9, за Аеродром да биде уште поубаво место за живеење.

-На 19 октомври, направете го изборот што значи работа, чесност и иднина, ајде заедно да го направиме Аеродром уште поубаво место за живеење, Со твојот човек! За твоето место! За твојата иднина, дециден е Митески.