Connect with us

Култура

Актерот Петар Темелковски добитник на наградата за животно дело „Гемиџии“

На денешната, последна седница на актуелниот состав на Советот на Општина Велес, советниците едногласно ги усвоија трите точки на дневниот ред, за доделување на годинашните општински награди и признанија. По предлог на Комисијата за општествени дејности, советниците едногласно одлучија наградата за животно дело „Гемиџии“ за 2025  година да му биде доделена на актерот  Петар Темелковски кој е родум од селото Богомила, Велешко, а кој некои од своите актерски улоги ги одиграл во претстави на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.

Советот едногласно го изгласа предлогот на Комисијата за образование и млади, со кој Марко Ингилизов, студент на „Принстон универзитет“ во САД, е избран за добитник на признанието најстудент  „Проф. д-р Ѓорѓи Шоптрајанов“ за 2025 година.

Во рамки на третата точка, со 22 гласа Советот ја усвои одлуката за доделување на Деветоноемвриските признанија на Општина Велес за 2025 година.

Пофалници се доделуваат: на Маријана Нацева, Трајче Илиевски и „Киноверзум“. Благодарници се доделуваат на ДСУ РЦСОО „Коле Неделковски“, СОУ „Јовче Тесличков“, Локалната библиотека „Гоце Делчев“, и на поединците Јасмина Дамјановска, Лила Арсова и карикатуристот Миле Манчевски.

Спомен-плакети ќе им бидат доделени на проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Искра Тасевска Хаџибошкова и академик Катица Ќулавкова како автори и уредник на тритомното издание посветено на Кочо Рацин.

Дополнително, по предлог на градоначалникот Марко Колев, благодарница ќе добие Мото клубот „Носачи на крстот“ од Велес, а спомен-плакета ќе му биде доделена на градежниот инженер Бошко Цилаков. Воедно и оваа  точка доби едногласна поддршка од сите присутни советници.

На крајот од седницата, претседателот на Советот, Даниел Јаневски, им честиташе на сите добитници и порача, да продолжат да го претставуваат и промовираат Велес  насекаде во светот.

Инаку, високите награди и признанија по традиција и годинава  на добитниците ќе им бидат врачени на свеченоста по повод 9 Ноември – Денот на Општина Велес и Ден на ослободување на Велес