Connect with us

Свет

Трамп ја брани новата медиумска политика на Пентагон по реакциите на новинарите

Американскиот претседател Доналд Трамп ја бранеше новата политика на Министерството за војна, со која се ограничува движењето и известувањето на акредитирани новинари во Пентагонот.

Трамп изјави дека е загрижен бидејќи „високи генерали шетаат наоколу со новинари до нив, кои им поставуваат прашања и можат да направат грешка што може да биде трагична“.

Новинарите имаа рок до синоќа во 23 часот по македонско време да ги прифатат новите правила – според кои се обврзуваат да не објавуваат неовластени материјали, дури и ако се некласифицирани – или ќе им биде одземена акредитацијата.

Според американскиот медиум Хил (The Hill), сите медиуми освен еден што редовно известуваат од Пентагонот треба да ја изгубат акредитацијата од среда.

Неколку водечки американски медиуми, меѓу кои Њујорк Тајмс, Вашингтон Пост и Атлантик, одбија да ја потпишат новата политика, наведувајќи дека таа го нарушува Првиот амандман на Уставот, кој ја гарантира слободата на говор и печат.

Истото го направија и телевизиите Си-Би-Ес Њуз, Еј-Би-Си Њуз, Си-Ен-Ен, Ен-Би-Си Њуз, како и конзервативните медиуми Фокс Њуз и Њузмакс.

Асоцијацијата на новинари во Пентагон (PPA) соопшти дека правилата „се чинат осмислени да ја задушат слободата на медиумите и потенцијално да нѐ изложат на кривично гонење само за тоа што ја работиме нашата работа“.

Министерот за војна Пит Хегсет на мрежата Икс напиша дека правилата само бараат: „новинарите повеќе да не се движат слободно“, „секогаш да носат видлива идентификација“ и „да не бараат незаконски дејствија“.