Култура
Отворен 4. Фестивал на детски театри ,,Игор Маџиров“- фокусот кон младите кои бараат одговори, кон нивните светови и дилеми

Знам дека во време на дигитален свет и интензивни визуелни дразби, тешко е да го привлечете, а камоли да го задржите вниманието на децата и на младите. Но, тоа му успева на фестивалот ,,Игор Маџиров” со претставите за нив, најмладите и малку повозрасните, но и за највозрасните, како мене. Неспорно е дека претставите во овој театар поттикнуваат интеракција меѓу бината и публиката, меѓу самите деца, но и меѓу нив и постарите од нив, изјави претседателката Гордана Сиљановска – Давкова синоќа на свеченото отворање на 4. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ во организација на Театарот за деца и младинци (ТДМ) со Советот на фестивалот.
Сиљановска – Давкова, како покровителка на Фестивалот истакна дека иако млад, со оглед на четирите години старост, тој веќе си го најде местото во театарската фамилија, покрај далеку постарите „Војдан Чернодрински“, МОТ, „Ристо Шишков“, Фестивалот на комедијата, Фестивалот на монодрамата…
-Насочен кон најпрефинетата и најпробирливата целна група – децата, со оригиналниот и искрен пристап ги заведе, израдува, па и восхити, не само нив, туку и возрасните, будејќи го детето во секој од нас. Значи, Фестивалот на детски театри ,,Игор Маџиров“ уште еднаш ќе ја покаже и докаже театарската моќ да допре до сите генерации, рече таа подвлекувајќи дека Игор Маџиров со своите незаборавни улоги се вгради во македонската култура како легенда и замина во вечноста.
Во присуство на министерот за култура и туризам, таа изрази уверување дека ансамблот на Театарот за деца и млади ќе добие пристоен театарски дом обезбеден од релевантните чинители, неопходен за културниот живот на најважната публика – децата.
-Тука, децата осознаваат како се сака, но и зошто не треба да се мрази. Сигурна сум дека не се доволни знаењето, умешноста и талентот за да се предизвика страстна потреба кај децата за театар и уметност. Овој простор и оваа сцена не завршуваат за мене тука, туку излегуваат надвор, се шират угоре и тонат удолу. Ја изразувам мојата неизмерна почит до сите вас за способноста од овој скромен простор да направите прекрасна сцена налик на сцена од соништата. Уште еднаш посакувам овој минијатурен дом на Театарот за деца и младинци да порасне како што пораснаа децата кои во изминатите три децении го посетуваа и му се насладуваа. Просторното растење нека соодветствува на потребите на домаќините, но и на гледачите. Продолжете да создавате, да нè радувате и нервирате. Помогнете ни да сонуваме и кога сме будни, порача Сиљановска – Давкова.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, на отворањето на Фестивал истакна дека да се игра за деца и младинци е подарок, а да им се зборува преку театарот со нивниот јазик, да им се одговара на нивните прашања и нивните соништа е храброст.
Тој потенцира дека оваа година фокусот на фестивалот е насочен повеќе кон младите, кон тие што бараат одговори, кон нивните светови, нивните дилеми, нивните надежи, а приказните што ќе ги проследиме не ги раскажуваат младите, но се за нив, за тоа како растат, се менуваат, се борат и сонуваат.
-Јас по професија сум актер. Целиот мој професионален живот сум го поминал во театар. Но секогаш кога ќе седнам овде во публика, ме обзема чувство дека токму оваа сцена го носи најчистото, најдлабокото и најважното во театарот: искреноста на децата, храброста на младоста и силата на сонот. Затоа овој фестивал е наш начин да им се обратиме, да им кажеме: Ви посветуваме сцена. Вие сте нашата инспирација, рече Љутков.
Министерот посочи дека Игор Маџиров човекот по кого фестивалот го носи името, беше и ќе остане вечното дете во светот на театарот, но и човек кој знаеше дека детето во нас не треба да исчезне. Во негова чест, овој фестивал и секоја претстава е и спомен и продолжение. Затоа вечерва да го славиме сонувањето! Да ги славиме децата и младите!, порача Љутков.
Шест детски и младински претстави, од кои пет гостински, ќе бидат изведени во официјалната (натпреварувачка) програма на 4. Интернационален фестивал на детски театри „Игор Маџиров”, кој ќе се одржува во организација на Театарот за деца и младинци со Совет на фестивалот.
Под мотото „Сцена за сечиј сон“, до 18 октомври 2025 во официјалната програма на Фестивалот се претставите: „Играј со мене!” на Андреј Бока од Суботица, „Малата Фрида” на Аница Томиќ од Загреб, „Како оздраве штурецот” на Никола Завишиќ од Белград, „Прозорецот” на Давид Зуазола од Темишвар, нашата „Свадби на животни и нешта” на Георги и Раја Господинови во продукција на театарот „Сенки и облаци“ и „Сино” на „Хon Сињор” од Атина со која в сабота ќе биде затворен фестивалот.
Фестивалот беше отворен со претставата на ТДМ „Франкенштајн” на Кокан Младеновиќ, која е надвор од натпреварувачката програма а беше изведена во чест на гостинските претстави од програмата во наредните денови. ТДМ пред неколку дена со оваа претстава доби награда од публиката на 65. Интернационален театарски фестивал МЕСС во Сараево, во рамките на програмата „Мали МЕСС“.
октомври 16, 2025