Политика
Мицкоски: Кампањата речиси завршува, а Венко не сопре со црна кампања, свесен е дека тоне

На овие избори граѓаните не бираат само градоначалник, туку одлучуваат каде ќе се движи Македонија како држава, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот народен митинг во Пробиштип, во рамки на изборната кампања со слоган „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина“. Мицкоски се осврна на, како што вели тој, неформалната коалиција за локалните избори составена од СДСМ, ДУИ и Левица, кои се обединети од желбата за власт и омразата кон ВМРО-ДПМНЕ. Според него, на овие локални избори овој опозициски блок настапува со црна кампања, а не нудат никакви проекти, никаква визија ниту стратегија.
-Кога зборувам за нашите противници зборувам за една непринципиелна коалиција, која што е составена од во суштина три политички партии, која што се обединила поради две главни причини, првата е желбата за власт, по било која цена. И втората е, патолошката омраза која што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата на СДСМ, на ДУИ, и политичката партија Левица. На некои места, оваа коалиција е формална, на некои полуформална, но во суштина, тоа е тој опозициски блок, кој што на овие избори излегува тотално без никаква програма, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека опозициската СДСМ за претстојните локални избори не нуди ниту проекти, ниту визија, туку само се фокусира на црна кампања уште од првиот ден.
-Од првиот ден, заклучно со денеска, ние не слушнавме ниту еден проект, не слушнавме никаква визија, никаква стратегија, од нив не слушнавме како планираат и каде планираат да ја водат Македонија. Од нив слушнавме само три, условно кажани, политички пораки во оваа кампања. Првата е, црната кампања која што ја водат од првиот ден, па се до ден денес. Против мене се разбира најмногу и против ВМРО-ДПМНЕ. Втората политичка порака која што ја испратија е дека тие се политички наследници и претставуваат континуитет на тоа што претставуваше Влада седум години во Македонија, коалиција СДСМ-ДУИ. Третата политичката порака е дека тие се грижеле и се бореле за нашиот дом, истакна Мицкоски.
Тој потенцираше дека за разлика од опозицијата ВМРО ДПМНЕ нема емитувано ниту еден негативен спот, иако има многу причини да се потсетат граѓаните на неуспесите на претходната Влада, ВМРО-ДПМНЕ избира позитивна кампања фокусирана на проекти и иднината.
-А верувајте, имаме таква инспирација да ги потсетиме граѓаните, за тоа што го работеа 7 години, што ако почнеме рано наутро малку ќе ни биде еден ден сето она лошо што го направија додека седум години беа Влада. Но, рековме не. Ние сакаме да бидеме Влада која што ќе се обиде да ја врати надежта кај луѓето, и сакаме да зборуваме за убави работи, за проекти, да зборуваме за иднина. Сакавме тоа да го доближиме до граѓаните. Што е тоа што ние го сработивме. И што е тоа што ќе го сработиме. А тие, со ад хоминем напади, со ниски страсти. Прво ми посакаа, ќе било штосно ако го виделе моето тело распарчено и спакувано во куфер, за да потоа претседателот на СДСМ, претпоставувам инспириран, бидејќи неговиот политички гуру седеше во првиот ред, во еден занес, кажа дека тие нас не не мразеле, туку не презирале. Тоа претпоставувам треба да е степен над омраза, барем според нивната филозофија. Инаку, човекот е педагог, редовен професор на факултет, кој што пледира утре да ја води државата. Тоа е тоа што го нуди СДСМ на овие избори, заклучи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски истакна дека на овие избори граѓаните не бирате само градоначалник, туку одлучувате каде ќе се движи Македонија како држава, бидејќи какошто рече ако граѓаните ја избират првата опција, тогаш се враќаме на оние времиња полни со грабеж, криминал, со локални моќници и луѓе кои не бираат средства за да ја распродадат Македонија.
– Со втората опција ВМРО ДПМНЕ и коалицијата одиме напред. Ние кога ја презамавме одговорност да ја водиме Владата знаевме дека нема да биде лесно, ќе биде тешко и покрај тоа што требаше да победуваме дома, тука во Македонија, ние бевме свесни дека истовремено да победуваме и во Брисел и во Лондон и во Берлин и во Париз и во Вашингтон и во други главни градови на земји членки на ЕУ. Затоа што претходната наша дипломатија, дипломатија на свиткана кичма, којашто ја предведоа Бујар Османи и Бојан Маричиќ ги напушти и ги распореде сите претходно со векови изградени позиции, за коишто луѓето живот давале, рече Мицкоски.
Кандидатот за градоначалник на Општина Пробиштип, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Тоневски, на митингот во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека се потребни промени во општината, бидејќи нема реализација на ниту еден капитален проект изминатите осум години.

– Осум години изгубивме! Осум години без ниту еден капитален проект! Ајде самите се запрашајте, колку проекти се направија овие осум години, од празна земја до функционален објект? Ниту еден! Заедно со вас граѓаните, ја подготвивме програмата за развој на Пробиштип. Составена од над 160 проекти, со јасни чекори и мерки. Ќе направиме нова индустриска зона за незагадувачка индустрија. Ќе изработиме Водич за инвеститори. Ќе привлечеме нови инвестиции, нови компании, рече Тоневски.
Тоневски истакна дека Лесново и Пониква ќе станат туристички атракции, а воедно и дека за младите ќе се направи нова населба и општината ќе добие нов базен и Дом за стари лица.
-Лесново и Пониква се нашите туристички бисери. тие ќе станат вистинска туристичка атракција. Во Пониква ќе изградиме детско одморалиште за летни и зимски кампови за нашите ученици. За младите ќе направиме нова населба, со плацови од 1 евро за квадрат и со намалување на комуналиите за младите брачни парови до 35 годишна возраст. Ќе го реконструираме игралиштето во Злетово, ракометното и повеќенаменското игралиште во Пробиштип. Сега, Пробиштип ќе добие нов градски базен. Зградата на поранешниот Интернат ќе ја реконструираме во Дом за стари лица, На секое семејство ќе му помогнеме со субвенции за клими, замена на прозори и енергетски ефикасни фасади, вели Тоневски.
Пред граѓаните на Пробиштип се обрати и членот на Извршниот комитет и пратеник во македонското Собрание, Драган Ковачки, кој порача дека е време за промени во Пробиштип.
-Доаѓа време на работа, на резултати. Време на вистински промени. ВМРО ДПМНЕ мора да ја врати надежта во Пробиштип, со новиот градоначалник Тони Тоневски, човек кој секој ден ќе биде меѓу вас, кој ќе ве слуша, кој ќе решава проблеми и ќе работи за граѓаните, а не за фотељата. Време е Пробиштип да има градоначалник, кој ќе донесе ред и развој, да се изградат улици, обновата училишта, да се создадат услови за младите да останат тука, вели Ковачки.
Тој ги повика граѓаните да гласаат и за советничката листа на ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери, со цел да се формира Совет кој ќе биде партнер во развојот на Општина Пробиштип, а не кочничар. Ковачки посочи на 19 декември граѓаните да покажат обединетост, зрелост и љубов кон какшто рече „нашата општина и Македонија“.
октомври 15, 2025