Connect with us

Свет

Советот на ЕУ усвои нови правила за поголема безбедност на играчките за деца

Советот на ЕУ денеска ја одобри конечната верзија на Регулативата за безбедност на играчките, со која се зајакнуваат безбедносните правила, се зголемува заштитата на децата од штетни хемикалии и се промовира користењето на дигитални пасоши за производите, со цел полесна контрола на почитувањето на мерките. 

Со новата Регулатива за безбедност на играчките се забранува или ограничува употребата на неколку опасни хемиски супстанции во производство на играчки, како оние кои го нарушуваат работењето на ендокриниот систем и кои можат да предизвикаат реакции на кожата, биоцидните производи и пер- и полифлуороалкилните супстанции (ПФАС). 

Регулативата предвидува и контрола на спроведувањето на правилата за безбедност на играчките преку т.н. дигитален пасош за производи (ДПП), што ги содржи клучните информации за нивната безбедноста и би ја олеснила царинската контрола и надзорот на пазарот. 

Усвоената Регулатива од страна на Советот на ЕУ, сега треба да ја одобри и Европскиот парламент, по што таа ќе стапи во сила. За примена на новите правила предвидени со Регулативата оставен е преоден рок од четири години и шест месеци по нејзиното стапување во сила. 

Оваа Регулатива, која е во согласност со Стратегијата на ЕУ за зајакнување на заштитата на потрошувачите и ранливите групи од најштетните хемикалии, треба да се надоврзе на Директивата за безбедносните барања за играчките усвоена во 2009 година.