Connect with us

Свет

Шефот на НАТО ја исмеа Русија поради лоша состојба на нејзина подморница

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте денеска ја исмеа Русија поради бедната состојба на една од нејзините подморници, која „кривејќи“ се враќа дома, додека руските власти негираа дека била принудена да изрони поради технички проблеми.

Руската Црноморска флота објави дека дизел-подморницата „Новоросиск“ изронила крај брегот на Франција за да ги почитува правилата за навигација во Ла Манш, и ги отфрли извештаите дека дошло до сериозен дефект.

Сепак, холандските власти за време на викендот соопштија дека подморницата била во процес на влечење во Северното Море.

Руте, во својот говор во Словенија, изјави дека пловилото е „расипано“.

– Сега, всушност, речиси и да нема руска поморска присутност во Средоземното Море. Постои една осамена и расипана руска подморница која кривејќи се враќа дома од патрола, рече тој.

– Каква промена во однос на романот на Том Кленси „Лов на Црвениот октомври“од 1984 година. Денес тоа повеќе личи на лов по најблискиот механичар, додаде Руте.

Рускиот Телеграм-канал ВЧК-ОГПУ, кој се поврзува со разузнавачките кругови во Москва, на 27 септември објави дека дошло до истекување на гориво кое почнало да се собира во подморницата, создавајќи ризик од експлозија.

Поморската команда на НАТО на 9 октомври објави фотографии за кои тврди дека прикажуваат француска фрегата како ја набљудува руската подморница крај брегот на Бретања.

Во саботата, холандското министерство за одбрана соопшти дека холандската морнарица ја придружувала Новоросиск и придружниот влекач Јаков Гребелски во Северното Море.

Руската Црноморска флота денеска соопшти дека подморницата спроведува „планиран меѓуфлотен транзит“ откако ги завршила задачите во Средоземното Море.

Подморницата Новоросиск беше пуштена во употреба во август 2014 година и е дел од Црноморската флота, но се верува дека не учествувала во инвазијата на Украина. Станува збор за дизел-електрична јуришна подморница што може да остане под вода до 45 дена и има екипаж од 52 членови. Таа е способна да лансира нуклеарни ракети Калибр.

Нејзината сестринска подморница Ростов на Дон беше потопена во украински напад во август минатата година. Кралската морнарица на Велика Британија ја следи Новоросиск уште од јануари, кога беше забележана во Англискиот канал.