Connect with us

Свет

„Непокорна Франција“ и „Национален собир“ поднесоа барања за гласање недоверба на новата влада на Лекорни

Француската крајнолевичарска партија„ Непокорна Франција“ (ЛФИ) и крајно десничарскиот „Национален собир“ (РН) денеска поднесоа барања за гласање недоверба на новата влада на премиерот Себастијан Лекорни. 

„Поднесовме предлог за гласање недоверба што ќе ја собори втората влада на Лекорни. Потпишан е од пратеници од странство, комунисти, екологисти и сите од партијата ЛФИ. Земјата нема време за губење. Лекорни ќе падне, а Макрон ќе го следи“, напиша лидерката на ЛФИ во францускиот Парламент, Матилда Пано, на својот профил на мрежата X.

Претседателот на РН, Џордан Бардела, оцени дека „макронистите имаа шанса од 2017 година“ и изјави дека новата влада на Лекорни претставува „нова игра на музички столчиња што фундаментално нема да промени ништо“.

Францускиот премиер Себастијан Лекорни вчера го објави списокот на министри на новата француска Влада и рече дека главната цел на неговата втора влада ќе биде усвојување на буџетот за Франција пред крајот на годината.

Лекорни, кој првпат беше назначен за премиер од францускиот претседател Емануел Макрон на 9 септември, поднесе оставка во понеделникот и стана премиер со најкраток мандат во историјата на земјата, со 27 дена на функција.

Оставката дојде помалку од 24 часа откако беше завршена првата фаза од новата влада, во која се најдоа претежно поранешни министри и блиски соработници на Макрон.

По преговорите што Лекорни ги водеше со парламентарните партии на барање на Макрон, францускиот претседател во петокот повторно го назначи за премиер.