Connect with us

Свет

Швајцарија: Про-палестински демонстрации со милионска штета, 20 повредени и 536 приведени

На про-палестинските демонстрации во главниот град на Швајцарија, Берн, денеска се повредени 20 лица, меѓу кои 18 полицајци, пријавена е штета од повеќе милиони евра, а приведени се 536 лица, соопшти тамошната полиција.

На протестот, кој полицијата го опиша како непријавен, учествувале повеќе од 5.000 луѓе, при што голем дел од нив биле маскирани и облечени во црно, кои се судриле со полицијата.

Полицијата на Берн соопшти дека „демонстрациите предизвикале значителна материјална штета“, додавајќи дека 536 лица се приведени, легитимирани, а потоа ослободени.

Полицијата соопшти дека нивни припадници на протестот биле нападнати со градежни машини, парчиња мебел, камења, шишиња и ракети за огномет. Полицајците одговориле со водени топови, солзавец и гумени куршуми. Притоа, 18 полицајци се повредени, од кои четворица се хоспитализирани.

Полицијата додаде дека низ градот се искршени прозорци и екрани од банкомати, исцртани графити и оштетени фасади на згради, како и искршени полициски автомобили.

Меѓу приведените, за едно лице веќе била распишана потерница, додека останатите се товарат за разни прекршоци, вклучително оштетување имот, неовластен влез, напад и нанесување телесни повреди, подметнување пожар и насилство или закани кон органите на редот.