Connect with us

Свет

Повеќе од 40 загинати во поплави и свлечишта во Мексико

Најмалку 41 лице загина, а 27 се водат како исчезнати по силните бури во Мексико кои предизвикаа голема материјална штета, соопштија локалните власти.

Околу 10.000 војници биле распоредени со чамци, хеликоптери и багери за расчистување на патиштата, спасување на заробените жители и доставување храна до погодените заедници. Многу села се уште се отсечени, а спасувачките екипи сè уште се борат да стигнат до нив.

Метеоролозите предупредуваат дека се очекуваат нови врнежи. Бидејќи почвата веќе е заситена со вода, расте ризикот од дополнителни свлечишта.

Најпогодени се источните и централните сојузни држави Веракруз, Идалго, Пуебла, Керетаро и Сан Луис Потоси. Десетици илјади домови, амбуланти, училишта, патишта и мостови се оштетени.

Најмногу жртви досега се пријавени во Веракруз и Идалго, а смртни случаи се потврдени и во Пуебла и Керетаро. Сан Луис Потоси претрпел големи материјални штети, но без човечки жртви.

Мексико се наоѓа при крајот на својата годишна сезона на дождови, која трае околу шест месеци и обично завршува на почетокот на ноември.