Connect with us

Свет

Туск: Полска изземена од обврските на европскиот пакт за миграција

Полскиот премиер Доналд Туск денеска ги потврди неофицијални информации дека Полска е изземена од механизмот за релокација на бегалци од Европската Унија (ЕУ), а вклучена е во таканаречените земји под притисок на мигранти, кои ќе добијат помош од другите членки според Европскиот пакт за миграција договорен минатата година.

– Реков дека во Полска нема да има релокација на мигранти и нема да има. Ќе ја заштитиме границата со Белорусија, која денес е најдобро чуваната граница во Европа. Ќе ги заостриме правилата за визи и азил, и Полска стана пример за другите. Ние работиме, не зборуваме без резултати, напиша Туск на Х.

Коментарот на Туск е реакција на демонстрации на полската популистичка десничарска партија „Право и Правда“ на поранешниот премиер Јарослав Качињски, на чиј повик денеска се собраа десетици илјади поддржувачи пред Кралскиот замок во Варшава, за да протестираат против непостоечката релокација и наводните илјадници мигранти, кои во реалноста ги нема.

– Денес Доналд Туск ненадејно соопштува дека следната година кај нас нема да има миграција. Не дозволувајте да ве измами. Ова се стари игри. Можеби ќе се продолжи до 2027 година ако претходно нема избори, но на крајот тој ден ќе дојде и нашиот мирен живот ќе заврши, изјави Качињски пред демонстрантите.

Полските опозициски конзервативни националисти од партијата „Право и Правда“ предводени од Качињски ги повикаа Полјаците на марш низ Варшава за да го спречат, како што тврдат, „поплавувањето на Полска со мигранти уште во текот на летото“.

– Да доведеш рекорден број мигранти во Полска, а потоа да повикуваш на протест против миграцијата, тоа може само Јарослав Качињски, објави Туск пред денешниот протест.

Полските медиуми прво неофицијално јавија, а премиерот потврди официјално, дека Полска е изземена како земја под посебен притисок и поради украинските бегалци, од механизмот за релокација и задолжителна солидарност од Пактот за миграција.

Европската комисија треба официјално да ја соопшти таа одлука в среда, на 15 октомври.