Connect with us

Свет

Трамп започна со масовни отпуштања на сојузни службеници

Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите за неговата одлука да отпушти илјадници вработени во федералните агенции, исполнувајќи ја заканата за намалување на бројот на службениците во период без буџетско финансирање поради неусвојување на законот во Конгресот.

Масовни отпуштања се во тек во Министерството за финансии, американскиот здравствен систем, даночната управа (ИРС), Министерството за образование, Министерството за трговија и Одделот за кибернетичка безбедност при Министерството за домашна безбедност, потврдија нивните портпароли. Точниот обем на отпуштањата не е целосно јасен.

Претходно беше планирано околу 300.000 федерални службеници да ги напуштат своите работни места во текот на оваа година, како дел од планот на Трамп за намалување на федералната администрација.

– Тие го започнаа ова, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба, додавајќи дека отпуштањата се „насочени кон демократите“.

Администрацијата на Трамп отпушти десетици вработени во Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) во последниот круг отпуштања, вклучувајќи „детективи за болести“, високорангирани научници и цела канцеларија во Вашингтон, објави „Њујорк Тајмс“.

Погодените работници ги добиле известувањата за откази по електронска пошта синоќа нешто пред 21 часот, при што биле информирани дека нивните работни места се непотребни или „речиси идентични“ со оние што се вршат на друго место.

Републиканците на Трамп имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но им се потребни гласови од демократите во Сенатот на САД за да усвојат буџетски мерки за финансирање на федералната администрација. Демократите се залагаат за продолжување на субвенциите за здравствено осигурување, тврдејќи дека трошоците за здравствена заштита драстично ќе се зголемат за многу од 24-те милиони Американци кои имаат осигурување благодарение на Законот за пристапна здравствена заштита.

Трамп постојано се закануваше со отпуштање на федерални службеници за време на застојот во буџетските преговори, поради што нема федерално финансирање на дел од федералните тела веќе 10 дена.

Тој, исто така, нареди замрзнување на најмалку 28 милијарди долари инфраструктурни средства за Њујорк, Калифорнија и Илиноис, држави каде што има значителен број демократски гласачи и критичари на неговата администрација.

Министерството за правда соопшти дека над 4.200 федерални службеници добиле откази во седум агенции, вклучувајќи повеќе од 1.400 во Министерството за финансии и најмалку 1.100 во Министерството за здравство и социјални услуги.

Демократите порачаа дека нема да попуштат пред тактиката на притисок на Трамп. – Додека републиканците не станат сериозни, тие се одговорни за ова – секое изгубено работно место, секое погодено семејство, секоја уништена услуга е поради нивните одлуки, рече лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер.

Синдикатите поднесоа тужба за да ги запрат отпуштањата, наведувајќи дека тие би биле незаконски за време на период без буџетско финансирање. Федерален судија треба да го сослуша случајот на 15 октомври. Федералниот апелациски суд во Вашингтон треба да одлучи за законитоста на мерката, откако неколку организации побараа привремена забрана за отпуштањата.

Демократските конгресмени го обвинија Трамп дека спроведува „политички мотивирани чистки“ и дека ги заменува стручните кадри со лојални личности. Синдикатите најавија дека ќе покренат колективни тужби пред федералните судови.

Во меѓувреме, администрацијата на Трамп предупреди дека, доколку Конгресот не го усвои буџетот до 15 октомври, ќе дојде до делумно затворање на федералната влада, што би можело да остави два милиона војници без плати, а десетици илјади цивилни службеници веќе се испратени на принуден неплатен одмор.

Сенаторката од Републиканската партија, Сузан Колинс, предупреди дека таквите мерки „можат сериозно да ја нарушат способноста на државата да обезбедува јавни услуги и да спроведува закони“.

И покрај критиките, Трамп најави дека ќе продолжи со реформата на федералната администрација, која, како што рече, „ќе стави крај на ерата на неефикасност и партиска пристрасност во владата“.