Свет
Трамп примил бустер доза против Ковид и вакцина против грип, Белата куќа уверува дека е во „исклучително здравје“

Американскиот претседател Доналд Трамп примил бустер доза против Ковид-19 и сезонска вакцина против грип за време на посетата на Воено-медицинскиот центар „Волтер Рид“, соопшти Белата куќа.
Според официјалниот медицински извештај што го потпиша неговиот личен лекар, д-р Шон П. Барбарела, претседателот „останува во извонредна физичка состојба, со стабилни срцеви, белодробни и метаболички функции“.
Прегледот бил дел од редовниот годишен здравствен надзор на Трамп и траел неколку часа, при што се направени лабораториски тестови, напредни снимања, ултразвук и анализа со вештачка интелигенција за процена на кардиоваскуларното здравје.
„Резултатите укажуваат дека срцевата возраст на Претседателот е приближно 14 години помлада од неговата хронолошка возраст,“ се наведува во документот.
Според Белата куќа, седумдесет и деветгодишниот Трамп примил две вакцини „во подготовка за претстојните меѓународни активности и патувања“. Тој утре треба да отпатува на Блискиот Исток, каде што ќе се сретне со регионални лидери во рамки на дипломатските напори по прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави дека прегледот бил „рутински и планиран“, нагласувајќи дека не станува збор за итен или неочекуван здравствен преглед.
На Трамп во јули му беше дијагностицирана хронична венска инсуфициенција – состојба која не е животозагрозувачка, но предизвикува задржување на крв во нозете и отоци.Иако лекарите наведуваат дека состојбата се контролира со медикаментозна терапија и физичка активност, медицински експерти предупредуваат дека ќе биде потребно постојано следење поради возраста и политичкиот ангажман на претседателот.
Инаку, Американските Центри за контрола и превенција на болести неодамна ги ажурираа препораките за вакцинација против Ковид-19, ограничувајќи ја за лица над 65 години или за хронично болни, освен по консултација со лекар. Белата куќа потврди дека Трамп примил нова формула на вакцината, одобрена за сезоната 2025–2026.
октомври 11, 2025