Connect with us

Свет

Израелската влада го одобри договорот со Хамас

Израелската влада синоќа го одобри договорот со кој Хамас ќе ги ослободи сите 48 преостанати заложници во Газа, соопшти Кабинетот на премиерот.

Со усвојувањето прекинот на огнот стапи во сила.

Ослободувањето на заложниците, во замена за околу 2.000 палестински затвореници и делумно повлекување на израелската армија (ИДФ), претставува прва фаза од мировниот план за Газа на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Повеќето министри од кабинетот гласаа во корист на договорот, вклучувајќи го и министерот Офир Софер од крајнодесничарската партија Религиозен ционизам на министерот за финансии Безалел Смотрич, чии останати министри беа против договорот. Против гласаа и сите членови на ултранационалистичката партија Оцма Јехудит.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) сега ќе се повлечат на нови линии во рамките на Појасот Газа, задржувајќи распоред што контролира околу 53 проценти од територијата на Газа, по што ќе почне 72-часовниот период во кој Хамас треба да ги ослободи сите заложници.