Connect with us

Култура

Премиера на ремек – делото на Кушнер – „Ангели во Америка”, на 1 септември во МНТ

Премиерата на ремек делото на Тони Кушнер, „Ангели во Америка”, добитник на Пулицерова и многу други награди, ќе ја има својата премиера на 1 септември, на сцената во Македонскиот народен театар, во режија на Филип Петковски. Ова беше соопштено на денешната прес-конференција во МНТ.

Во 1991 година, инспириран од својот приватен живот, Тони Кушнер ја пишува „Ангели во Америка: Среќна фантазија на национални теми”, дело што засекогаш ќе ја промени светската театарска историја, а Кушнер ќе го позиционира како еден од највлијателните американски драмски автори. Текстот ја добива Пулицеровата награда за драма, наградата Тони, како и речиси сите други значајни признанија во театарот. А тоа се должи на способноста на овој драмски текст да го претвори театарот во моќна алатка за општествени коментари преку личните приказни на ликовите, комбинирајќи извонредна драматуршка структура, акцент на актерската игра и симболични сцени што и денес звучат релевантно, беше кажано на пресот на кој присуствуваше режисерот Петковски со актерите и речиси целиот тим вклучен во реализацицјата на претставата.

Премиерната изведба на претставата, ќе се случи на големата сцена на Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот. Втората изведба е закажана за 2 септември. Во претставата играат Јордан Симонов, Александар Стоименовски, Стефан Спасов, Илин Јовановски, Наталија Теодосиева, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска.

Сместена во Њујорк во 1980-те, во време на конзервативната политика на Роналд Реган и јавна незаинтересираност за епидемијата на СИДА, „Ангели во Америка” ја следи судбината на четири геј ликови и нивните најблиски, чии приказни зборуваат за љубов под незамислив притисок, за страв и храброст, за вера и сомнеж, за човечката потреба да се најде надеж, дури и кога светот е решен да ја уништи. Овие приказни се испреплетуваат и со реални историски личности, како познатиот адвокат Рој Кон кој јавно ја негирал сопствената хомосексуалност, но, на крајот умира од СИДА, беше споделено на прес- конференцијата.

Сценографијата во претставата е на Мартин Манев, костимографијата на Антонија Гугинска – Јорданоска, додека продуценти на проектот се Петар Антевски и Филип Петковски.

Претставата се реализира како копродукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт” – Скопје и Македонскиот народен театар, со поддршка на Министерството за култура, Европска куќа – Скопје, Германската амбасада во Скопје и Здружението „Заедно посилни” и Gilead sciences Europe LTD.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.