Политика
Бујар Османи со младите во Чаир: Силна финансиска поддршка за младите, тие ќе одлучуваат како ќе се распределува буџетот во општината

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска одржа средба со младите од општината, претставувајќи ја својата визија за „Новиот Чаир“. Тој потенцираше дека младите се столб на развојот и клучен ресурс на општината, бидејќи над 43% од жителите на Чаир се под 30 години, се наведува во соопштението од ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
„Не можете да дизајнирате визија за „Новиот Чаир“ без вклучување на тие кои сочинуваат 50% од населението на Чаир. Тоа е нашата најголема сила и највреден капитал,“ истакна Османи.
Османи најави изградба на нов мултифункционален центар во центарот на Чаир, на плоштадот „Скендербег“, кој ќе биде составен од три главни компоненти:
• Дигитална и иновациска лабораторија Османи ја опиша како „простор во кој младите ќе можат да ги манифестираат своите креативни способности преку концептот ‘биди свој мајстор’. Лабораторијата ќе располага со современи алати и технологии, каде секој млад човек ќе има можност да експериментира, да создава и да иновира.“ Тој додаде дека оваа лабораторија ќе биде „жив центар за идеи и иновации, каде талентот на младите ќе се претвора во конкретни решенија за Чаир.“
• Современа библиотека која ќе биде и класична и целосно дигитализирана. „Општината ќе ги дигитализира сите неопходни книги преку отворени системи, за секој млад човек да може од својот телефон да има пристап до литературата што му е потребна. На младите во Чаир ќе им понудиме цела библиотека во џеб, знаење достапно секогаш и секаде,“ изјави Османи.
• Културен центар наменет за младинските музички, артистички и креативни групи. „Овој центар ќе биде дом на креативноста во Чаир. Музичките групи, уметничките колективи и младите таленти ќе имаат простор каде ќе можат да вежбаат, да се изразат и да настапуваат. Сакам културниот живот на Чаир да добие сцена која ќе ја одразува неговата младинска енергија и талент,“ потенцираше Османи.
„Овој комплекс ќе биде срцето на визијата за „Новиот Чаир“ и симбол на урбаната преродба на општината,“ нагласи кандидатот за градоначалник.
Османи најави и општински стипендии за најдобрите студенти од Чаир, за поддршка на академскиот развој, како и Фонд за иновации, кој секоја година ќе финансира најиновативни младински идеи.
„Општината ќе ги поддржи младите кои со користење на вештачка интелигенција ќе развиваат решенија што ја олеснуваат секојдневната работа на општината и животот на граѓаните,“ изјави Османи.
Кандидатот најави формирање Младински совет на Чаир, кој ќе одлучува за распределба на 5% од буџетот на општината. Исто така, ќе се реализира проектот „Таленти на Чаир“, преку кој најдобрите студенти директно ќе се вработуваат во општинската администрација.
Визијата на Османи вклучува и Подобрување на јавниот простор и дигитална достапност што подразбира: реновирање на парковите, обезбедување бесплатен интернет во јавните простори, дополнителни бесплатни обуки за млади за програмирање, кодирање и дигитални вештини.
„Чаир сакаме да го претвориме во центар на технологијата. Ако половина од населението се млади, тогаш мораме да го искористиме овој капитал и да создадеме општина на иднината,“ порача Османи.
Бујар Османи остро реагира на одлуката на Државната изборна комисија да го намали бројот на советници во општините, што, како што вели, претставува почеток на враќање кон етничкиот мнозински систем и отстапување од принципите на Охридскиот договор.
„Скандалозно е. Тоа е почеток на враќањето на етничкиот мнозински систем. Никогаш не се случило изборните правила да се донесуваат со надгласување. Имаше обид со изборниот закон, кој за среќа беше блокиран со Бадентер. Но, досега не се случило изборните правила да не се адаптираат со консензус,“ изјави Османи.
Според него, оваа одлука е првиот конкретен чекор во процесот што ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот коалициски партнер ВЛЕН го туркаат под радарот на јавноста – реставрација на моделот на доминација и исклучување на Албанците од институциите и процесите.
„Ова е само почеток на она за што предупредуваме, дека се прави обид да се вратиме во времето пред Охридскиот договор. Кога имавме етнички мнозински систем, кога имавме надгласување, маргинализација и исклучување,“ предупреди Османи.
На удар, вели тој, се токму албанските општини и албанската дијаспора.
„Само на албанските општини им е намален бројот на советници. Исклучена е можноста дијаспората да биде вклучена во донесувањето одлуки. Дијаспората што ја одржува нашата макрофинансиска стабилност, со милијарди евра. Нашата дијаспора не е одвоена дијаспора. Тие поминуваат половина година тука. Тие имаат домови тука. Тие имаат членови на семејството тука. Тие плаќаат даноци тука. И, откако ги регистриравме, само затоа што бројот на Албанци (во дијаспора) излезе поголем од другите, сега мора да ја исклучиме дијаспората.”
Османи потсетува дека ова не е изолиран инцидент – напротив, дека веќе има системски пристап за намалување на влијанието на Албанците на сите нивоа.
„Првично, го намалија процентот од 29% на 24,5%, при одредувањето на средствата што се доделуваат на општините и училиштата, без да ја сметаат дијаспората, сега одлучија да го намалат бројот на советници. Не е самото намалување проблем. Проблем е инсталирањето на практиката на мајоризација и исклучување.“
На крај, Османи потсетува на суштинската вредност на Охридскиот договор, потпишан пред 23 години како основа за стабилност и заедништво:
„Причината зошто беше одобрен Охридскиот договор е токму идејата за мајоризација и етничко надгласување.“
ДУИ ќе го алармира секој чекор на институциите што води кон поништување на принципите на Охридскиот договор и ќе ги мобилизира сите демократски механизми за заштита на политичката еднаквост на Албанците во државата.
август 30, 2025