Вести
Мисајловски на првата сесија на Стратешкиот дијалог со САД: Повеќе од три декади заеднички ги развиваме одбранбените капацитети
Во рамки на Стратешкиот дијалог со САД кој се реализира во Вашингтон, министерот за одбрана Владо Мисајловски ја предводеше првата сесија од разговорите посветена на одбранбените и безбедносни прашања при што укажа на долготрајното партнерство помеѓу двете сојузнички земји кое „ги зајакнува одбранбените капацитети и ги зацврстува мирот и безбедноста.“ Пред претставниците на американскиот Стејт Департмент, Мисајловски истакна дека одбранбената соработка меѓу двете држави е на исклучително високо ниво, додавајќи дека постои потенцијал за уште посилна и посеопфатна соработка на полето на одбраната и безбедноста.
Министерот Мисајловски упати благодарност за сета досегашна поддршка од страна на САД и посочи дека ова стратешко партнерство е клучен фактор во процесот на трансформација, подобрување, развој и модернизација на нашите одбранбени капацитети и способности. „Континуираната поддршка од САД и останатите сојузници, преку дополнителни заеднички активности овозможува стабилен и одржлив безбедносен развој, усогласување со стандардите на НАТО и исполнување на НАТО целите на способност“, рече тој.
Во сите овие изминати 30 години, Мисајловски нагласи дека преку клучните програми за безбедносна соработка на САД кои опфаќаат активности меѓу кои и грантови, заеми, набавки и др. за сојузничките земји, се имплементирани 67 (околу 70) аквизициски проекти за потребите на македонската Армија. Дополнително, реализирани се голем број на заеднички вежбовни активности, обука, тренинг и едукација за персоналот во Министерството за одбрана и Армијата. „Во моментов во процес на набавка се 16 договори со САД кои вклучуваат опрема за различни видови одбранбени капацитети и согласно стратешките документи и Долгорочниот план за развој на одбранбени способности, разгледуваме дополнителни можности за континуиран и значаен развој на соработка со САД“.
За време на денешната прва сесија, Мисајловски се осврна и на одбранбениот буџет и плановите на раст, модернизација и опремување во текот на наредните 10 години, со цел достигнување на целите договорени на последниот Самит во Хаг односно инвестирање на 3,5% од БДП во одбранбениот буџет и дополнителни 1,5% од БДП за активности и проекти поврзани со безбедноста до 2035 година и посочи дека македонската Влада е сериозно посветена во остварување на договореното.
„Инвестициите во одбраната се стратешки фокусирани во делот на модернизација, зајакнување на интероперативноста, подготвеноста и отпорноста. Остануваме целосно посветени реализацијата на НАТО – целите на способности“, подвлече Мисајловски.
Во рамки на стратешкиот дијалог со САД, чиј фокус е продлабочување на стратешкото партнерство и долгорочна соработка на високо ниво, владината делегација ќе оствари повеќе средби со високи претставници од Стејт Департментот на кои покрај разговорите за одбраната и безбедноста ќе се разговара и за економската и енергетската соработка.
април 8, 2026

