Политика
ВМРО-ДПМНЕ: Системското уништување на енергетиката има име и презиме, а тоа е СДС
СДС го слуша и го користи за ситни дневнополитички поени само тоа што им одговара, извлекувајќи изјави надвор од сите логични контексти. Прашуваме, за какво „признавање“ зборува СДС, кога кристално јасно е објаснето дека загубите се наследени рецидиви од мрачното владеење на оваа партија во периодот 2017-2024 година?, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Не постои магично стапче ниту начин системското уништување на АД ЕСМ да се санира за само година и половина, особено по невидената девастација оставена во РЕК Битола. Со цел да си ги полнат џебовите преку сомнителни тендери за ископ на јаглен и ангажирање приватни фирми, СДС свесно ги урниса двата најголеми комбинати за производство на струја – РЕК Битола и РЕК Осломеј – во сите сегменти. Сега, крајно лицемерно, „откриваат топла вода“ и ја замајуваат јавноста со податоци кои се директен резултат на нивното недомаќинско работење.
Да е иронијата поголема, партијата што за седум години власт не изгради ниту еден нов државен капацитет за производство на електрична енергија, денес душегрижнички се дрзнува да ги коментира предизвиците во енергетиката што токму тие ги продуцираа. Додека тие се фокусираа на богатење на поединци блиски до врвот на партијата, енергетскиот систем беше оставен на маргините, со истрошена механизација и празни акумулации.
За разлика од времето на СДС кога цената на струјата беше постојано под закана поради увозната зависност, денес со домаќинско менаџирање, стабилизирана хидрологија и намалени производствени трошоци, граѓаните се заштитени. СДС треба да престане со манипулациите и барем еднаш да преземе одговорност за енергетскиот крах што му го приредија на македонскиот народ. Нивните обиди да го сокријат сопствениот криминал зад искривени интерпретации на реалноста веќе не поминуваат кај јавноста.
април 7, 2026

