Connect with us

Свет

Трамп со честитки до астронаутите од „Артемис 2“: „Вие влеговте во историјата“

Американскиот претседател, Доналд Трамп, упати честитки до астронаутите од мисијата „Артемис 2“ откако тие прелетаа покрај Месечината, што е прво такво патување по повеќе од половина век.

„Денеска вие влеговте во историјата и ја направивте цела Америка навистина горда“, изјави Трамп во телефонски разговор со екипажот, составен од тројца американски и еден канадски астронаут. „Вие сте вистинските пионери на нашето време“, додаде тој.

Астронаутите кои отпатуваа подалеку во вселената од било кој човек досега, го насочија својот вселенски брод на курс назад кон Земјата, завршувајќи ја лунарната мисија. За време на патувањето, тие имаа можност да ја набљудуваат оддалечената страна на Месечината – област што досега не беше видена директно од човечко око.

Мисијата, предводена од НАСА, донесе значајни научни податоци и претставува важен чекор кон идни мисии, вклучително и планираното слетување на луѓе во близина на јужниот пол на Месечината во наредните години.

За време на летот, екипажот беше сведок и на целосно затемнување на Сонцето, кога Месечината се најде меѓу нив и Сонцето. Во исто време, на небото биле видливи планетите Меркур, Венера, Марс и Сатурн, како и местата на слетување на мисиите од програмата „Аполо“.

Мисијата „Артемис 2“ за околу 6.600 километри го надмина рекордот за оддалеченост поставен од „Аполо 13“ во 1970 година. Капсулата „Орион спејскрафт“ достигна максимална оддалеченост од 406.771 километар од Земјата пред да започне со враќањето.

Канадскиот астронаут Џереми Хенсен изјави дека глетките од Месечината се „неверојатни“ и повика идните генерации насокоро да го надминат овој рекорд.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4