Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики

Климатските промени не се процес што се адаптира на нашите рокови или на нашата подготвеност. Тие се одвиваат со сопствена динамика, па затоа одговорот не може да биде одложен ниту фрагментиран, туку бара координирано дејствување засновано на знаење, соработка и јасна свест за заедничката одговорност, истакна претседателката Гордана Силјановска Давкова на денешниот настан „Климатски промени – ризици и предизвици“ организиран на нејзина иницијатива.

Пред аудиториумот во Скопје, претседателката Силјановска Давкова порача дека мора да научиме да живееме во хармонија со природата, бидејќи како што рече природата не се приспособува на нас, туку ние треба да се приспособиме на неа, ако сакаме да опстанеме.

-Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност којашто секојдневно ја живееме. Многу децении климатските промени ги доживувавме како предупредување, а природата како неисцрпен ресурс, денес веќе ги живееме како последица, тука, околу нас, не само како промена во природните циклуси, туку како директен притисок врз секојдневниот живот и економијата. Во последните години, екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности. Климатските ризици бараат координиран институционален одговор и јасно дефинирани политики, истакна Силјановска Давкова.

Во своето обраќање, претседателката Силјановска Давкова потсети дека во земјава нашиот Устав ја препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок, но потребна е промена во начинот на размислување.

-Ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сеуште го чекаме Законот за климатска акција. Згора, далеку сме од соодветно почитување на Законот за заштита на природата и животната средина. Потребна е промена во начинот на којшто размислуваме, планираме и одлучуваме, зашто долго време функциониравме реактивно, односно „пост фестум“, наместо превентивно, односно „ex ante”, нагласи претседателката Силјановска Давкова на настанот „Климатски промени – ризици и предизвици“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3