Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Климатските промени веќе не се закана, туку реалност, неопходни се координирано дејствување и заедничка одговорност

Климатските промени веќе не се далечна закана, туку реалност што секојдневно ја живееме – истакна денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа нагласи дека државата мора да премине од реактивен кон превентивен пристап, со јасно дефинирани политики и координирани институционални одговори. Воедно, ја истакна уставната обврска за заштита на природата, но и предупреди дека без доследна примена на законите и стратегиите, документите остануваат само на хартија.

– Денес, кога зборуваме за климатските промени, не зборуваме за нешто далечно и апстрактно, туку за реалност што секојдневно ја живееме преку летата што траат подолго отколку што сме навикнале, преку воздухот збогатен со ПM-честички, преку водата што станува загадена и недоволна, преку шумите што исчезнуваа – рече претседателката на настанот „Климатски промени – ризици и предизвици“, што се одржува денеска во Вила „Водно“.

Таа нагласи дека климатските промени се мултипликатор на ризици и бараат координиран институционален одговор.

– Климатските промени се опишуваат како мултипликатор на ризици зашто не создаваат само нови предизвици, туку ги засилуваат постојните: она што вчера било економски проблем, денес станува социјален, а утре и безбедносен. Во последните години екстремните временски и климатски настани предизвикаа значајни економски штети и загуби на ресурси, што директно се одразува врз развојните можности – нагласи претседателката.

Во своето обраќање Сиљановск-Давкова се осврна и на уставната обврска за заштита на животната средина.

– Нашиот Устав ги препознава заштитата и унапредувањето на животната средина и природата како темелна вредност на уставниот поредок. Денес таа вредност не може да се разгледува изолирано, туку и во контекст на безбедноста, имајќи предвид дека ризиците од климатските промени директно влијаат врз функционирањето на општеството и институциите. Иако оваа вредност е уставна материја, сѐ уште го чекаме законот за климатска акција – рече таа.

Претседателката повика на промена во начинот на размислување и планирање.

– Потребна е промена во начинот на кој размислуваме, планираме и одлучуваме зашто долго време функциониравме реактивно, односно пост фестум, наместо превентивно, односно ex ante. Преминот кон превентивно дејствување станува неопходен, при што интегрираниот систем за рано предупредување е дел од решението заедно со координацијата меѓу институциите и соработката – порача Сиљановска-Давкова.

На дискусијата се обрати и националниот координатор за климатски промени, Теодора Обрадовиќ-Грнчаровска, која зборуваше институционалениот статус, тековните активности и за законот за климатска  акција.

Таа посочи дека има потреба од балансирање на она што е барање со што е очекување и издвои повеќе приоритети од планот за раст.

– Донесување закон за климатска акција, реструктурирање на организациската структура на МЖСПП преку инкорпорирање единица за следење и известување, градење капацитети на нови работи и приватниот сектор и донесување подзаконски акти – посочи Обрадовиќ-Грнчаровска.

Професорот Владо Спиридонов предупреди на можни екстремни сценарија ова лето.

– Климатскиот систем е нестабилен. Честите екстремни временски, хидролошки и климатски настани бараат итна адаптација со современи системи за прогноза и најава на повеќестепени хазарди. Подгответе се за ова лето – можно е силно Ел Нињо сценарио со зголемени температури, топлотни бранови, суши и интензивни бури – рече Спиридонов.

Настанот обединува универзитетски професори, експерти, претставници на институции и граѓанскиот сектор, со цел да се изнајдат конкретни препораки и мерки за превентивно дејствување и иновативни решенија за адаптација на климатските промени.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4