Култура
Мултимедијален проект за деца „Магичниот круг на детството“ во КИЦ во Загреб
Македонскиот јазик е најголемата културна татковина, која нема граници. Затоа живеењето на јазикот меѓу генерациите, кои не се во Македонија, туку живеат во други држави е многу значаен културен елемент.
Ова е главното мото, под кое од 16 до 19-ти април во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб , ќе биде реализиран мултимедијалниот проект за деца “Магичниот круг на детството “ на КАТ Продукција. Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
Во рамки на проектот ќе бидат опфатени 40-тина ученици, кои учат македонски јазик во двете основни училишта во Загреб “Август Харамбашиќ“ и „Никола Тесла“, под водство на наставникот Деспина Белчовска Велинска.
Ќе бидат реализирани три креативни работилници, и тоа: драмска под водство на актерката и режисер Снежана Конеска Руси, работилница за илустрација на книги за деца под водство на дизајнерот и едукатор Елена Максимовска и работилница за креативно пишување под водство на м-р Татјана Гогоска, автор на проектот и автор на книгата „Магичниот круг на детството“, која ќе биде промовирана на завршниот настан на 19. април во Македонскиот КИЦ во Загреб, во присуство на повеќе гости од разни сектори, и на кој меѓу другите ќе зборуваат, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓоргоска-Илиевска, која со својата поддршка го овозможи реализирањето на овој проект, како и авторката на книгата м-р Татјана Гогоска . Книгата ќе ја промовираат децата учесници, во трите работилници, со свој перфоманс. Целиот настан ќе го води и модерира познатата актерка и режисер Снежана Коневска Руси.
април 7, 2026

