Останати спортови
ШК Алкалоид славеше со играчите, пехарите за Николовски и Георгиев
Полувековниот јубилеј клубот ШК Алкалоид го одбележа викендот со организација на шаховски фестивал, во чии рамки се одиграа два турнира – во забрзан и во брзопотезен шах – а на кој имаше играчи од десет европски земји.
Отворањето беше збогатено со мала церемонија, на која низ поздравен говор беше потсетено дека овој клуб има 27 титули од 33 одиграни првенства во независна Македонија, како и една титула европски клупски шампион, а трипати бил и европски вицепрвак. Легендарниот македонски ракометар Кире Лазаров, кој и самиот беше клупски првак со Барселона, го повлече почесниот прв потег на турнирот во забрзан шах.
Речиси 200 играчи настапија на турнирот во забрзан шах, на кој секој играч имаше на располагање време од 10 минути за размислување, плус пет секунди за потег, а победничкиот трофеј го подигна велемајсторот Кирил Георгиев, кој ја предводеше групата играчи на врвот со 9 бода од 11 партии. ВМ Георгиев е поранешен член на ШК Алкалоид и поранешна прва табла на македонската репрезентација, а на овој турнир стигна до првото место без пораз, со седум победи и четири реми. Во последното коло, во мечот кој одлучуваше за победникот, тој го совлада изненадувањето на турнирот Матео Ефтовски од младинскиот тим ШК Мулти Есенс, кој остана на 8 бода и ја одложи сензацијата за некој иден турнир.
Второто и третото место ги освоија ИМ Христос Кралис од Грција и ИМ Ндерим Сарачи од Косово.
Предводник на групата играчи со 8,5 бода е ИМ Дејан Стојановски, кој исто како и на Европското првенство во рапид во Скопје во 2024 година беше најдобар од играчите кои настапуваат под македонското знаме, без пораз на турнирот! Зад него се ФМ Антон Златков, ФМ Лампрос Џаноулакис (Грција) и ИМ Сашо Николов (Бугарија). Зад нив, на делба од 8. до 16. место, беа играчите со по 8 бода, меѓу кои и ВМ Драган Јаќимовиќ, ИМ Филип Панчевски и Матео Ефтовски (кој ја освои специјалната награда за втор најдобропласиран играч во конкуренција, со рејтинг под 2.200 поени).
И во специјалните категории имаше освојувачи на награди од младинците на ШК Алкалоид и на ШК Мулти Есенс, за кои овие турнири беа одличен тренинг во пресрет на државните младински првенства, кои се играат идниот месец. ЖФМ Моника Жежовска беше најдобра во категоријата до 18 години кај девојките. Од другите младинци, Кирил Николовски беше втор во категоријата до 18 години, Благоја Миновски беше најдобар во категоријата за момчиња до 16 години, а Илијана Велева во категоријата за девојчиња до 14 години.
На турнирот во брзопотезен шах, кој се играше во саботата на 4 април, учествуваа 153 играчи, со темпо на игра од три минути за играч и две секунди за потег. По 13 одиграни кола, на врвот се издвои ИМ Никола Николовски со 11 бода, а зад него беа ИМ Ндерим Сарачи и ФМ Мухамет Аслани, двајцата од Косово, и ФМ Антон Златков. Од другите пласмани за издвојување се членовите на ШК Алкалоид ИМ Филип Панчевски и ВМ Роландо Кутиров, кои со освоени 9,5 бода беа на делба на петтото место, додека, пак, на делба на 8. место со по 8 бода се најдоа ВМ Звонко Станојоски, ИМ Дејан Стојановски и ВМ Драгољуб Јаќимовиќ.
ЖФМ Моника Жежовска во оваа конкуренција освои награда за најдобар играч до 18 години, а Никола Бошковски освои награда за најдобар играч во конкуренција на шахисти до 1.800 рејтинг-поени.
ШК Алкалоид продолжува со активностите во текот на целата 2026 година, а следни големи настани за клубот ќе бидат настапот на Светското екипно првенство за сениори над 50 години, кое ќе се одржи во Драч, Албанија, од 18 до 29 април, како и учеството на двајцата млади интернационални мајстори Тони Лазов и Емил Ристески на Европското поединечно првенство за 2026 во Катовице, Полска, од 6 до 20 април.
април 6, 2026

