Connect with us

Вести

Гаши: Важно е да имаме добар Изборен законик, небитно дали е нов или изменет

Претседателот на Собранието, Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите во однос на изборниот законик нагласи дека не е битно дали ќе биде нов или изменет, туку како што рече, да имаме добар изборен законик.

-Работната група за Изборниот законик во среда ќе има нов состанок. Работат интензивно. Се надеваме дека ќе дојдат до решение. Мое мислење е да имаме добар изборен законик. Не е битно дали е нов или изменет. Не е битно како ќе дојдеме до тоа. Битно е да имаме добар, кредибилен, со фер правила на игра каде сите би се чувствувале еднакви пред законот – рече Гаши.

Претседателот на Собранието информира дека утре ќе оствари средба со досегашните претседатели на Законодавниот дом. Како што нагласи, неговата идеја за ваква средба била за да се искаже почитт кон нив, но и како тие да помогнат и да ги пренесат нивните искуства како поранешни претседатели на Собранието.

-Веќе имавме една средба, помеѓу првиот и вториот изборен круг. Идејата беше моја да најдеме начин како да го искористиме искуството на поранешните претседатели на Собранието. Мислам дека тоа е бесценето искуство кое за секој актуелен претседател на Собрание би било добро да го искористи. Како идеја ја искажав на тој состанок и видов дека сите други поранешни претседатели беа согласни и ја причекаа како многу добро идејата. На првата одржана средба не дојдоа само Талат Џафери и Јован Митрески. Четворица поранешни претседатели присуствуваа. Не е нешто задолжително. Тоа е по нивна волја. Сите поранешни претседатели на Собранието се поканети на средба, а утре ќе видиме кој ќе дојде. Ќе разговараме како тоа би го формализирале, да биде советодавно тело. Идејата има две компоненти – првата е да се искаже почитта спрема нив и втората е да се искористи нивното искуство. Ние и тој ден кога разговаравме увидовме дека некои проблеми со кои тие се соочувале ги имаме и ние денеска – рече тој.

Гаши истакна дека слабо стоиме во делот на користењето на искуствата на поранешните функционери, без разлика дали се претседатели на држава, премиери, пратеници..Неговата намера е овие средби да станат редовна пракса најмалку три пати во годината, но по потреба да може да се одржуваат и ад-хок.

-Ние можеме да имаме идеолошки и партиски разлики, но кога сте вршеле таква битна функција, тогаш тоа е над идеологиите и политичките разлики. И тоа искуство што сте го стекнале, не можете да го чувате само за себе. Тоа искуство треба да го пренесеме и да најдеме начин како да го употребиме – рече тој.

Гаши информира дека денеска или утре ќе биде објавен огласот за изборот на член на Судскиот совет, кој претходно беше поништен.

Спикерот соопшти дека воспоставена е нова практика пратениците да се вклучат директно на Собранискиот канал пред почнувањето на пратеничките прашања.

–Ги информирав сите пратенички групи да бидат во тек, да соработуваат со Собранискиот канал. Мислам дека ова е во интерес на граѓаните, да бидеме достапни и да го развиеме и Собранискиот канал во делот на гледаноста на Собранието – рече тој.

На новата собраниска седница закажана за 8 април на дневен ред ќе биде поставување пратенички прашања од опозициските пратеници.

Заради велигденските празници, како што информира Гаши, на координацијата со координаторите на пратеничките групи разговарале во среда да бидат свикани седниците на комисиите за в четврток да не работат пратениците.

Во Собранието в среда ќе се одржи и настан по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите 8 Април, во организација на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во Република Македонија

Маркетинг
Ad 3
Ad 4