Општини
Трипуновски: Консолидацијата на земјиштето не е само реформа, туку и можност, процесот бара заеднички ангажман
Консолидацијата на земјиштето не е само реформа – таа е можност. Можност за окрупнување на земјоделското производство, за поефикасно користење на ресурсите и за развој на поконкурентни и одржливи бизниси. Процесот бара заеднички ангажман на сите чинители, смета министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Тој на денешниот настан во Стопанската комора посветен на зголемување на обемот на консолидација на земјиштето преку партнерства со приватниот сектор посочи дека целта е да се отвори простор за поширока соработка и да се изградат партнерства коишто ќе овозможат побрза и поефикасна имплементација, во корист на земјоделците и руралните средини.
– Досегашните искуства јасно покажуваат дека консолидацијата носи реални придобивки – окрупнети парцели, поефикасно користење на земјиштето, намалени трошоци и зголемена подготвеност за инвестиции. Покажавме дека процеси како консолидацијата на земјиштето се можни и применливи во поширок обем, и дека посветените партнерства водат до успешни резултати – дури и во сложени структурни реформи како што е земјишната политика. Ова јасно потврдува дека консолидацијата не е само административна постапка, туку инструмент кој суштински го менува начинот на производство и отвора нови можности за развој на земјоделството – рече Трипуновски.
Посочи дека во консолидираното подрачје Трн, тековните активности се насочени кон завршување на последната фаза, односно дека се обезбедени средства и избран е изведувач на работите за изградба на земјоделската инфраструктура, а до крајот на годината се планира отпочнување и на активностите во консолидационо подрачје Логоварди за изградба на земјоделска инфраструктура.
– За таа цел, сакам да ги охрабрам и геодетските компании – како клучнa поддршка на процесот на терен – дополнително да ги зајакнат своите капацитети и активно да се вклучат во реализацијата на идните планови за консолидација, за кои е потребен поширок ангажман – на компании и експерти, рече Трипуновски.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески повика на остра и енергична акција која, според него, е клучна за успешна имплементација.
– Прашањето е како да се имплементираат темелните вредности за оваа држава да ја направиме држава – тоа значи на политички план владеење на правото, на економски план важење на пазарните законитости и на земјоделски план консолидација на земјиштето. Како да ги имплемнетираме? Ќе ги ставиме со приоритет и со поединци кои ќе го поддржат тоа, рече Азески.
Порача дека не треба да се бараат изговори и дека треба да се заскукаат ракавите.
април 3, 2026

