Општини
Кардиолошкиот завод во Охрид за првпат во земјата ја воведе методата „механичка ротациона арктертомија“
Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид е првата здравствена установа во земјата што во третманот специфични промени на периферните артерии ја воведува методата „Механичка ротациона арктертомија“.
Станува збор за метода со која се отстрануваат атеросклеротичните наслаги од артериите, особено во нозете, за да се подобри протокот на крвта кај пациентите.
Доктор Дејан Манчевски рече дека на програмата денеска се три пациенти, а дека се планира процедурата да биде воведена како редовна пракса во установата.

– Во нашата установа доаѓаат на лекување пациенти од целата земја, така што планираме методата да ја воведеме како постојана, со цел унапредување во лекувањето на периферната артериска болест во земјата и нашата болница, рече Манчески.
Системот механички ги чисти артериите, собирајќи го отстранетото ткиво, и претставува помалку инвазивна алтернатива на хируршките засеци. Се користи кај пациенти со стеснети артерии, а изборот на методата зависи од состојбата на пациентот.
Директорката на Установата, Билјана Теговска, рече дека со методата се минимизира потребата од хируршки интервенции, а се спречува инвалидидет кај пациентите.

Како што посочи таа, во тековната 2026 година предвидено е во Заводот за кардиоваскуларни заболувања да бидат воведени нови процедури со обезбеден материјал за 40 интервенции. За реализација на тие планови преку Фондот за здравствено осигуривање се обезбедени шест милиони денари.
април 3, 2026

