Connect with us

Свет

Американскиот потпретседател Џ. Д. Венс ќе се сретне со Орбан пред изборите во Унгарија

Во Унгарија во тек се подготовки за посетата на американскиот потпретседател Џ. Д. Венс следната недела по Велигден, само неколку дена пред парламентарните избори во земјата – јави ДПА.

Полицијата во Будимпешта денеска објави долг список на затворени патишта во унгарската престолнина за вторник и среда.

Потпретседателот Венс има намера да се сретне со премиерот Виктор Орбан во Будимпешта и да одржи говор за „богатото партнерство“ меѓу двете земји, наведе Белата куќа.

Посетата е особено контроверзна бидејќи парламентарните избори треба да се одржат во Унгарија само неколку дена подоцна, на 12 април.

Според анкетите, пренесува ДПА, десничарскиот популист Орбан, кој е на функција од 2010 година, би можел да изгуби од противкандидатот Петер Маѓар. 

Набљудувачите ја гледаат посетата на Венс како обид за зајакнување на изборната кампања на Орбан, пренесува германската агенција.

Орбан долго време одржува добри односи со американскиот претседател Доналд Трамп и дели многу од неговите политички ставови. Тој го посети Трамп неколкупати во неговата резиденција во Мар-а-Лаго, Флорида.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во февруари беше во официјална посета на Унгарија, потсетува ДПА.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4