Општини
Перински: Од финансиска стабилност до инфраструктура – сеопфатна поддршка за општините
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работни посети на општините Валандово и Неготино, каде што се сретна со градоначалниците Ѓоко Камчев и Марија Нацева, членовите на советите и општинските администрации.
Во Општина Валандово, на средбата со градоначалникот Ѓоко Камчев, беа разгледани тековните состојби, секојдневните предизвици со кои се соочува општината, како и активностите што се реализираат на локално ниво. Посебен акцент беше ставен на процесот на ажурирање на базите на даночни обврзници, кој има за цел зголемување на сопствените приходи и подобрување на финансиската одржливост на општините.
Преку двата јавни повика за капитални инвестиции, во Валандово се финансираат вкупно 5 проекти, со вкупна вредност од 107.038.333 денари, што претставува значајна поддршка за локалниот развој.
„Со јасна координација и конкретна поддршка можеме да обезбедиме реален напредок во развојот на општините и подобар квалитет на живот. Со таков пристап, општина Валандово ќе продолжи со одговорно управување и засилена реализација на проекти што имаат директно и мерливо значење за локалната заедница“, изјави градоначалникот Камчев.
Во Општина Неготино, министерот Перински оствари средба со градоначалничката Марија Нацева, како и со Советот и општинската администрација, при што се дискутираше за развојните приоритети, тековните активности и можностите за унапредување на меѓуопштинската соработка.
Фокусот беше ставен на реализацијата на конкретни проекти, меѓу кои:
- два инфраструктурни проекта за реконструкција на тротоари, во рамки на Програмата за намалување на диспаритетите за 2025 година, во вкупна вредност од над 4 милиони денари;
- започнувањето на проектот „Elder-Care“ преку Интерег програмата за прекугранична соработка со Република Грција, во вредност од 128.249 евра, насочен кон подобрување на здравствената грижа за повозрасната популација;
- обезбедени 200.288.639 денари преку јавните повици за капитални инвестиции, за реализација на 13 проекти во општината.
„Во делот на проектот што се однесува на здравствениот дом, предвиден е развој на медицински кабинет во болницата како центар за рехабилитација и набавка на медицинска опрема за центарот, набавка на амбулантно возило за транспорт, преносен ултразвучен апарат, преносен ехо апарат, медицинска опрема за реанимација и друго“, посочи градоначалничката Нацева.
Министерот Перински нагласи дека „Министерството за локална самоуправа останува посветен партнер на општините и дека поддршката ќе продолжи со конкретни мерки и инвестиции кои директно ги подобруваат условите за живот на граѓаните. Политиките се креираат заедно со општините таму каде што потребите се најголеми.“
април 2, 2026

