Вести
Николоски: Министерството за транспорт е рекордер во работење годинава со 65 отсто реализација на капиталните инвестиции досега
Сериозно сме посветени на инвестициите, буџетот во моментот е во одлична кондиција, а Министерството за транспорт е рекордер во работење годинава со 65 отсто реализација на капиталните инвестиции досега – изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
– Буџетот е во одлична кондиција и доколку се соочиме со ситуација на продолжена воена криза, со добро планирање, ќе дадеме сериозни одговори. Има сет мерки што ги чуваме како резерва доколку ова ескалира. Јас се надевам дека ќе заврши, дека ќе можеме да се вратиме во нормала – рече Николоски во гостувањето на една од националните телевизии.
Вицепремиерот истакна дека се гордее на реализацијата на капиталните расходи во неговиот ресор, чиј процент само по првиот квартал годинава изнесува над 65 отсто.
– Во однос на капиталните расходи, многу се гордеам на тоа што Министерството за транспорт е апсолутен рекордер во работење, заклучно со 31 март, односно во првиот квартал оваа година реализацијата на капитални расходи е 65 проценти, а на ниво на Влада е 32 отсто. Не можете да најдете ниедна година од осамостојувањето на државата со вакви бројки, што значи дека сериозно сме посветени на капиталните расходи и инвестиции – потенцира заменик-претседателот на Владата, Александар Николоски.
Во гостувањето беше потенцирано дека паралелно се работи на сите автопатски делници во државата, со посебен фокус на проектите што ги реализира конзорциумот „Бехтел и Енка“, дека интензивно напредуваат и железничките проекти со сериозни подготовки за изградба на брзата пруга, а автопатот Охрид – Кичево, конечно, се очекува да ја добие својата завршница до крајот на годината.
април 2, 2026

