Вести
Муцунски во Париз се сретна со советниците на францускиот претседател Емануел Макрон задолжени за континентална Европа и Турција
Во рамки на посетата на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски остварил средба со советниците на претседателот на Француската Република, Емануел Макрон, задолжени за континентална Европа и Турција, како и за Европа, Бертран Бушвалтер и Алексис Дутертр.
Како што соопшти МНРиНТ, на средбата биле разменети мислења за евроинтегративниот процес и актуелните случувања во регионот и во Европа.
-Министерот се сретна и со директорот на Националниот институт за јавни служби на Француската Република (INSP), Жером Филипини, при што беше потпишана Декларација за намери помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија и Националниот институт за јавни служби (INSP). Со тоа се отвораат нови можности за соработка во обуката и професионалниот развој на високи државни службеници и дипломати, стои во соопштението.

Муцунски вчера се сретна со министерот делегиран за Европа, Бенџамин Адад, со кого разговарал за натамошно унапредување на билатералните односи, продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво, со посебен фокус на економската соработка.
Министерот Муцунски нагласил дека европската интеграција е приоритет на Владата, која е силно посветена на спроведувањето на Реформската агенда. Воедно истакна дека, заедно со Планот за раст, тие претставуваат клучни процеси за напредокот на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
-Двајцата министри се согласија дека е неопходно забрзување на процесот на евроинтеграција и дека истиот треба да биде заснован на мерит-систем. Притоа ја нагласија и улогата на Македонија како фактор на безбедност и стабилност во регионот, а стана збор и за актуелни регионални, европски и глобални прашања, се додава во соопштението на Министерството.
април 2, 2026

