Вести
Мемов: За нецели две години најголемо зголемување на пензиите во последите 20 години
За период од нецели две години, од септември 2024 до март 2026 година, вкупното покачување на пензиите е 7.000 денари на месечно ниво или вкупно линеарно зголемување од 36 проценти – вели директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов.
Минималната пензија за овој период, како што посочува Мемов, е зголемена за 61,75 процент, а просечната пензија за речиси 40 проценти.
– Ова претставува најголемо покачување на пензиите во последните 20 години, кое е резултат на политиките насочени кон подобрување на животниот стандард на пензионерите. Со ваквите мерки се покажува јасна грижа за највозрасните граѓани, а пензионерите стануваат еден од главните приоритети во социјалната политика. Со континуираното зголемување на пензиите оваа Влада испраќа порака дека стабилноста и грижата за пензионерите се темел на општествената одговорност и дека подобрувањето на нивниот стандард е клучен политички ефект за донесените економски и социјални одлуки – вели Мемов.
Посочува дека во вкупната сума што се користи за исплата на пензиите зголемувањето изнесува речиси 500 милиони евра повеќе во споредба со 2024 година.
– Како пример, во септември 2024 година, кога е исплатена пензијата за август, исплатени се 7.210.341.000 денари. За исплата на мартовската пензија 2026 година, вкупната исплата на пензиите е 9,65 милијарди денари, што е за 2,44 милијарди денари месечно повеќе во споредба со септември 2024 година – појаснува директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
април 2, 2026

