Регион
Брнабиќ: СНС ќе разговара со Вучиќ да биде кандидат за премиер
Претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ, во изјава за РТС денеска нагласи дека раководството на владејачката Српска напредна странка ќе разговара со претседателот на државата, Александар Вучиќ за тоа да биде кандидат за премиер на вонредни парламентарни избори.
Изјавата следува откако вчера таа нагласи дека Вучиќ најавил почнување разговори во СНС, но и со други партии и политички актери, за претстојните избори.
„Кога зборуваме за недостиг на дијалог, не зборуваме за тоа дека Александар Вучиќ не сака дијалог. Секогаш зборуваме за фактот дека оние кои постојано проповедаат дијалог, всушност постојано го отфрлаат тој дијалог. Но, сигурна сум дека тој ќе ги нарече како што секогаш ги нарекувал претходно“, изјави Брнабиќ за РТС.
Таа додаде дека дијалогот на претседателот Вучиќ ќе биде најтежок со членовите и раководството на СНС од неколку причини, пред се затоа што, како што рече, луѓето во СНС се уморни од молчењето за двојните стандарди и отвореното лицемерие на Брисел.
Според неа, се што се случило во изминатите 48 часа го навело претседателот Вучиќ да иницира општествен дијалог и изјави дека, пред се, потребни се разговори за предвремени парламентарни избори, кои, како што вели, биле побарани од „блокадерите“.
Брнабиќ изјави дека единствената причина зошто претседателот Вучиќ се уште не распишал предвремени парламентарни избори е тоа што светот во моментов се соочува со невидена криза.
април 2, 2026

