Connect with us

Вести

Ацевски: Доаѓа ера во која без ВИ нема да можеме да го сфатиме развојот во јавниот и приватниот сектор, како и нашето секојдневно живеење

Во делот на можноста за употреба на вештачката интелигенција во јавниот сектор, мора да бидеме свесни дека доаѓа ера во која без ВИ нема да можеме да го сфатиме развојот на нашите институции во јавниот сектор, ниту развојот во приватниот сектор ниту, пак, секојдневното наше живеење и говорење, порача денеска главниот државен ревизор Максим Ацевски на јавната расправа по конечниот извештај на ДЗР за извршената ревизија на успешност на тема: „Можност за употреба на вештачката интелигенција во јавниот сектор“.

Ацевски рече дека целта на самата ревизија била да се одреди дали јавниот сектор е подготвен за користење  ВИ, при што фокусот бил ставен на стратешката рамка и на законските акти, човечките ресурси, хардверот и софтверот за користење ВИ, како и степенот на заштита на личните податоци. Тој рече оти државата презема активности во оваа насока, но додаде дека се потребни и дополнителни за подобрување на состојбите. 

– Она што е клучно за актерите во овој дел е да обезбедиме континуитет и одржливост на самите продукти, кои ќе бидат развиени со одредени проекти, бидејќи имаме состојби во кои во претходниот период се вложени доста голем број средства во одредени проекти, кои, за жал, повеќе не се имплментираат во јавниот сектор. Во текот на 2023 година имавме вложување од 150.000 евра во еден вештачки асистент – АДА, кој беше промовиран, но, за жал, денес не функционира – истакна Ацевски.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски нагласи дека ДЗР во конечниот извештај за ревизија на успешност констатирал дека во анализираниот период јавниот сектор немал воспоставена целосна стратешка законска инфраструктурна рамка за системска примена на ВИ и додаде дека Министерството со кое раководи сериозно ги зема предвид овие наоди како основа за институционално подобрување.

Тој посочи дека во перидот опфатен со ревизијата до денес биле преземени сериозни чекори. Првим ја наведе националната ИКТ-стратегија 2025 – 2030, која рече дека е системска рамка, што го поставува првиот чекор за воспоставување хоризонтална дигитална рамка по осум години вакуум, односно период на недостиг на ваков национален документ.

– Националната ИКТ-стратегија во четвртиот столб ја позиционира ВИ како стратешка технолошка оска, значи еден од четирите темели на кои се базира дигиталната трансформација – рече Андоновски, кој посочи дека овој документ е проследен со акциски план за примена на ВИ за јавната администрација, со кој се интегрираат вредните технологии во институционалниот развој.

Тој истакна дека дел од стратегијата е и носење стратешка рамка, исклучиво за употреба на ВИ, која е во подготовка и за која веќе има формирано работна група.

Министерот потсети дека државата ја потпишала и се вклучила во етичката рамка на СЕ за правна употреба на ВИ.

– Во доменот на ВИ и технологијата пошироко, стратегиите и законите се неопходна рамка, но тие сами по себе не создаваат никаков капацитет. Технологијата се развива побргу од секој нормативен документ, а ако останеме само на стратегии и закони, ќе заостанеме и затоа паралелно на овие процеси работиме на конкретна имплементација – рече Андоновски.

За забелешките во однос на националниот портал за отворени податоци, рече дека интегрирале ВИ-асистент, овозможиле примена на природен јазик, ја зголемиле практичната употребливост на отворените податоци.

Тој посочи дека најважно е градењето на инфрастуктурата и тука ја истакна иницијативата „Везилка“, која со пет милиони евра ја финансираат државата преку Министерството за дигиталната информација, Европската Унија и ФИНКИ. Оваа инфраструктура ќе им послужи и на јавниот и на приватниот сектор и ќе биде основа за развој на модели на македонски јазик, што ќе се употребува во јавната администрација, енергетиката, здравството, земјоделството…

Пратеникот од СДСМ, Димитар Ковачевски, ја поздрави оваа јавна расправа и посочи дека дикусиите на ова тема треба да продолжат, но дека смета оти ова треба да биде еден поширок процес на ниво на институции, јавни претпријатија и министерства во една сеопфатна имплементиртана стратегија.

Ковачевски напомена дека со нејзиното пишување треба паралелно да се оди и со имплементација бидејќи веќе тема не е само ВИ; туку во прв план во светот доаѓаат автоматизација и роботизацијата, теми, кои, како што посочи, ние сè уште не сме ги ни почнале.

– Ако не почнеме со итна автоматизација и роботизација на процесите, ние како држава нема да поседуваме податоци што ќе можат да ја хранат ВИ и не е доволно да имаме само јазични модели, туку да имаме и можности за управуваме со процесите – рече Ковачевски.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3