Connect with us

Вести

ССМ почнува со најавените блокади, ќе го блокира пристапот до Собранието

Сојузот на синдикати на Македонија , со блокада на пристапот до македонското Собрание, почнува со најавените блокади на институции кои, како што наведуваат, го кочат зголемувањето на минималната плата. 

Блокадата на македонското Собрание ќе почне во 9 часот при што ќе бидат блокирани улиците „Даме Груев“ и „11 Октомври“. Со блокадата, како што посочуваат од ССМ, ќе биде испратена порака до пратениците дека тие се оние кои го блокираат законот за зголемување на минималната плата повеќе од една година и кои не сакаат да ја прифатат иницијативата на ССМ за намалување на функционерските плати.  

– Согласно закон, најмалку по 21 човек се потребни на двете локации за да ги блокираме пратениците, но ве покануваме сите што можете да ни се придружите. Блокадата треба да упати порака до пратениците дека тие го блокираат законот за минимална плата повеќе од една година, а за истиот временски период секое семејство е посиромашно за 9.500 денари месечно затоа што вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за толку пари. Пратениците се уште се прават глуви на иницијативата на ССМ за зголемување на минималната плата и на останатите плати за 100 евра, како и за последната иницијатива на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти, односно да си ја намалат основицата за пресметка на плата од просечна на минимална плата и да ги намалат нивните коефициенти на сложеност, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешната прес-конференција.

На утрешната блокада ќе присуствува и раководството и членовите на Синдикатот на УПОЗ кои вчера заедно со КСС и со Владата постигнаа договор за зголемување на додатоците на плата за 40 проценти до 2028 година. 

– Утре, Синдикатот на УПОЗ ќе даде поддршка затоа што основната компонента за пресметка на платите во управата и правосудството е минималната плата. Доколку минималната плата се зголеми за 200 евра, нивните плати ќе се зголемат за 200 евра. Но, загрижува тоа што за вработените во полицијата, одбраната и во други институции има предвидено нула проценти, а таму платите се пресметуваат како минимална плата со додатоци на плата, рече Трендафилов. 

Во однос на постигнатиот договор меѓу УПОЗ и Владата, Трендафилов вели дека Синдикатот на УПОЗ извојувал победа затоа што пред една година УПОЗ барал 30 проценти зголемување на додатоците на плата за 3.000 работници, а сега добива 40 проценти за 11.000 работници. 

– Владата, веднаш по големиот работнички протест на 28 јануари, понуди зголемување од 40 проценти за 7.700 работници, а Синдикатот на УПОЗ успеа да земе зголемување за повеќе од 11.000 работници, посочи Трендафилов.

По утрешната блокада, во четврток е најавена блокада на Стопанската комора, а следниот вторник на Владата. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1