Вести
Сали-Кавахара: Јапонската поддршка клучна за реформите и развојот на Македонија
Министерот за европски прашања и прв вицепремиер Беким Сали, оствари средба со амбасадорката на Јапонија, Сецуко Кавахара на која беше ставен акцент на тековната развојна соработка меѓу Северна Македонија и Јапонија, како и на континуираната поддршка на Јапонија за реформските приоритети и социо-економскиот развој на државата, информираат од неговиот кабинет.
Министерот Сали ја истакнал посветеноста на Владата на испорака на конкретни резултати во рамки на Реформската агенда, со посебен фокус на јакнење на институционалните капацитети и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
-Соговорниците разговараа за спроведувањето на тековните проекти за техничка соработка, вклучително и иницијативите во областа на намалување на ризици од катастрофи, урбаниот транспорт, поддршката на малите и средни претпријатија и развојот на туризмот. Беа разменети мислења и за новите проекти поврзани со ублажување на климатските промени во земјоделството и јакнењето на капацитетите за итен медицински одговор и подготвеност за кризни ситуации, се вели во соопштението од Министерството за европски прашања.

Министерот Сали изразил благодарност за долгогодишната поддршка на Јапонија преку официјалната развојна помош, вклучително и грантовите за мали проекти, кои имаат директни придобивки за локалните заедници во областите на образованието, здравството, заштитата на животната средина и јавните услуги.
Тој нагласил дека Министерството за европски прашања ќе продолжи со тесна соработка со Амбасадата на Јапонија и ЈИЦА, со цел ефикасна координација на развојната помош и усогласување со реформските приоритети и целите на процесот на европска интеграција.
февруари 10, 2026

