Општини
Битолскиот градоначалник Коњановски даде отчет за сработеното во првите 100 дена од новиот мандат
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски на прес-конференција информира за работата на локалната самоуправа во првите 100 дена од новиот мандат.
Според градоначалникот Коњановски, во овој период отворени се нови образовни објекти и има јасен план за капитални инвестиции за чиста и динамична Битола со акцент на инфраструктурата за што веќе се утврдени планови.
-Ние, за разлика од некои други, сме прецизни и точно сакам да го истакнам тоа што во овој период е реализирано. Новиот мандат го почнав со отворање на новата детска градинка „Пчеличка“ во која ќе се згрижуваат и воспитуваат деца од предучилишна возраст која може да вклучи 76 деца. Денеска имаме функционален општински Совет, кој воедно е прв во Република Македонија со вклучено електронско гласање, а во годината пред нас освен уличната, ќе ни биде и спортската инфраструктура, нагласи Коњановски.
Градоначалникот Коњановски со слики и бројки ги претстави реализираните проекти на повеќе локации во градот, поплочени тротоари, асфалтирани улици и најави изградба на нови урбани објекти.
-Тригодишната развојна програма изнесува 1,8 милијарди денари и во тек се подготвителни работи за 53 реконструкции на коловози, улици и локални патишта во градот, но и населените места во општината, како и изградба на 6 паркинг простори. Со развојната програма продолжува изградбата на детска градинка во поранешната касарна и противпожарна зграда за што сме целосно посветени. На 25 локации во градот се подготвува изградба на системи за одведување и прочистување на отпадните води и систем за водоснабдување, исто така на 25 локации. Во капиталните расходи сврстени се проекти за подобри услови за учење на учениците, истакна Коњановски.
Во јавниот отчет за работата на градоначалникот на Општина Битола во изминатите 100 денови беше потврдена намерата за донесување на Генерален урбанистички план во чии рамки има Детален урбанистички план за новата спортска сала што ќе се гради во Нова Битола.
февруари 10, 2026

