Сцена
Завршена дведецениската правна битка за наследството на Рамонс
По повеќе од 20 години судски спорови, конечно е разрешено прашањето за контролата врз интелектуалниот и материјалниот имот на легендарната панк-рок група Рамонс (Ramones), чии основачи повеќе не се меѓу живите.
Главниот спор се водеше меѓу Линда Камингс Рамон, вдовица на Џони Рамон, и Мичел Хајман, брат на Џои Рамон, околу управувањето со правата на бендот. По смртта на Џои во 2001 и Џони во 2004 година, наследството било поделено по 50 проценти, но несогласувањата меѓу страните со години ги блокирале сите поголеми проекти, вклучувајќи и најавуван игран филм за Нетфликс.
Според достапните документи, на почетокот на февруари сопругата Линда Рамон станала единствен сопственик на компанијата Рамоунс Продакшнс, Инк. („Ramones Productions, Inc.“), откако го откупила делот на семејството на Џои Рамон. Со тоа, правната битка која траела повеќе од две децении официјално е затворена.
Инаку, членовите на бендот не ги користеле своите вистински имиња, туку го прифатиле заедничкото презиме „Рамон“, инспирирани од псевдонимот Пол Рамон, кој го користел Пол Макартни во раната фаза на Битлси. Иако во САД долго време немале масовен успех, Рамонс стекнува клучно влијание врз развојот на панк-рокот во Европа и Австралија, инспирирајќи групи како Секс Пистолс, Клеш и Џем.
Нивните први три албуми, издадени во 1976 и 1977 година, се неспорни темели на панкот, но и корените на таканаречениот панк-поп, покомерцијална верзија која подоцна ги создаде некои од најуспешните изведувачи од осумдесеттите и деведесеттите години, како што е групата Блонди (Blondie). Песни како Рок „блиц („Blitzkrieg Bop“), Шина е панк рокерка („Sheena Is a Punk Rocker“) и Плажа Рокаваи („Rockaway Beach“) и денес се сметаат за класици, а бендот редовно се вбројува меѓу највлијателните во историјата на популарната музика.
февруари 9, 2026

