Connect with us

Култура

МНТ годинава го продолжува чествувањето на 80-годишниот јубилеј со гостувања од регионот

Македонскиот народен театар (МНТ) соопшти дека годинава продолжува да го чествува јубилејот 80 години постоење, кој го одбележа минатата година, со гостувања на актери и театри од регионот. 

– Роденденот на МНТ лани беше одбележан со македонски сценски спектакл, кој ја нагласи важноста на ансамблот на МНТ, и претстави од македонски автори, кои оставија достоинствен белег во институцијата. Годинава, пак, прославата се надоврзува на таа традиција, со ново проширување – рецентни меѓународни гостувања и настапи на светски познати уметници како сведоштво за континуитетот и современата визија на театарот. Свеченото одбележување на големиот јубилеј на МНТ ќе почне на 30 март со стендап-шоуто „Шоубиз“ (Showbiz) во изведба на белградскиот и светски познат актер Никола Ѓуричко. Афирмирана фигура во театарот, филмот и телевизијата, чија долга и успешна кариера му го отвори патот до значајни улоги на меѓународна сцена. Тој е долгорочно поврзан со Југословенското драмско позориште во Белград, каде што беше постојан член на ансамблот уште од 1995 година и каде што реализира многубројни успешни театарски улоги. Од крајот на 2019 година живее и работи во Лос Анџелес. За 30 март Ѓуричко најавува вечер исполнета со хумор, анегдоти и лично сведоштво од меѓународната кариера, соопшти МНТ. 

Во продолжение на роденденската програма, информира МНТ, на 1 и 3 април ќе гостува Словенечкото народно гледалиште (СНГ) од Марибор. На 1 април ќе биде изведена претставата „Амадеус“ на нашиот познат режисер со меѓународна кариера Александар Поповски, кој од  сезоната 2018/2019 е уметнички директор на Драмата во Марибор.

– СНГ Марибор на 3 април на сцената на МНТ ќе гостува и со монодрамата „Безгрешна“ (Immaculata) – сценско остварување инспирирано од романот „Марииниот завет“, омаж на големиот и прерано починат режисер Томаж Пандур. Финалето на роденденската програма е закажано за 4 април кога ќе биде изведена претставата „Другата страна“ во продукција на Црногорско народно позориште од Подгорица, со што дополнително се нагласуваат меѓусебната соработка и културната размена во регионалниот театар. Со оваа внимателно направена селекција на избрани сценски остварувања Македонскиот народен театар ја повикува публиката да учествува во разноликата прослава на уметничката традиција, театарскиот дијалог и континуитетот на една од најзначајните институции во културата – соопшти МНТ. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1