Скопје
Стаменкоска Трајкоска: Борбата на Гоце – наш аманет и обврска пред иднината
Делегацијата од Општина Кисела Вода, предводена од градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, денес се поклони пред вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“. Со свежо цвеќе, во чест на 154 годишнината од неговото раѓање, ја искажаа својата почит кон овој голем македонски револуционер и идеолог, чие дело и визија е гордост на секој Македонец, се вели во соопштението од Општина Кисела Вода, што МИА го објавува интегрално.

– Денес со свежо цвеќе се поклонуваме и сеќаваме на Гоце Делчев – човекот кој не прифати ропство, ниту тишина пред неправдата. Со срце полно со љубов кон татковината, Делчев го трасираше патот на слободата и достоинството на македонскиот народ.
Неговата борба не беше само со оружје, туку со вера и непокор што и денес не обврзува.

Со благодарност и почит го одбележуваме споменот на Гоце Делчев, чие име и дело остануваат светла точка во нашата историја. Гоце Делчев е Македонија. Да живее Македонија-истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.
февруари 5, 2026

